1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странски стручњаци да ја „спасуваат“ српската економија

Ивица Петровиќ/Симе Недевски6 август 2013

Реконструкцијата на српската влада остави празнина во клучните сектори за економско закрепнување на земјата. Дали тие места би можеле да ги пополнат странци? Аналититичарите во тоа не гледаат ништо лошо.

https://p.dw.com/p/19KRd
Фотографија: picture-alliance/dpa

По одалечувањето на Обединетите региони на Србија (УРС) од тие сектори, се очекува одговорноста за нив да ја превземе Српската напредна партија (СНС). Меѓутоа, како што најави лидерот на партијата Александар Вучиќ сосема е можно тие места да ги заземат странци, и тоа најверојатно во форма на советници за економија и финансии. Вучиќ истакна дека нема намера на тие места да постави „приучени партиски кадри“, и на тој начин призна дека не само неговата партија туку и цела Србија нема доволно квалитетни економски кадри. Во српските медиуми се појавија вести дека советник во српската влада би можел да биде и Доминик Строс Кан, поранешниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), но тие гласини подоцна беа демантирани.

Пливај врзан ако можеш

Идејата да се донесат странци како стручна помош во водење на финансиите и економијата е генерално многу добра, оценува за ДВ , Билјана Степановиќ, главниот уредник на магазинот „Нова економија“. Позитивно е тоа што Александар Вучиќ сфати дека нема доволно свои кадри, и дека сака некој кој има искуство на меѓународната сцена. Тука секако би требало да се внимава на некое негативно сценарио, вели Билјана Степановиќ:
„Негативна страна би можела да биде ако доведеме таков човек, а потоа му ги врземе нозете и рацете и го фрлиме во базен и да не му дозволиме да плива, односно да работи. Тогаш тоа ќе значи дека тој човек дошол за ништо, за ништо е платен, и дека тој подоцна, ако не успее тука, може да ни биде само негативна референца во светот.“

Има ли совет кој веќе не сме го одбиле?

Клучен проблем кој може да се случи е ако кој било странски стручњак почне да предлага некои потези кои да кажеме, веќе ги предложил Млаѓан Динкиќ, а кои останатите коалициски партии веќе ги одбиле, вели за ДВ главниот уредник на неделникот „НИН“ Милан Чулибрк: „Значи, тоа се некои идеи кои сите економисти во земјата ги поддржаа, и кои едноставно треба да се направат. И сега замислете ја ситуацијата во која некој доаѓа од страна, без разлика каков углед како експерт ужива, и предложи некои мерки за кои во СПС или СНС проценат дека тоа и не е толку многу популарно. И замислете тогаш колкави се шансите за некој без никакво политичко влијание, и без политичка заднина, да му се усвојат неговите предлози.“

Serbisches Parlament Hauptsitz Belgrad Serbien
Седиштето на српскиот парламентФотографија: picture-alliance/dpa/prismaarchivo

Помошта од странски експерти не би требало да се ограничува само во сферата на финансии, смета Мијат Лакиќевиќ, уредник во „Нов магазин“:
„Да речеме, во земјоделството јас мислам дека би било подобро кога би нашле некој поранешен министер од Холандија, Данска, а можеби и од Полска, кој би бил советник на нашиот министер. Тоа исто така би можело да се однесува и на советниците за индустрија и за економија.“

ММФ е бесплатен советник

Квалитетните странски кадри се скапи, и српските власти се веќе свесни за тоа дека мора да обезбедат пристојна сума пари. Меѓутоа, Мијат Лакиќевиќ посочува дека Србија веќе има стручни странски совети, и тоа бесплатно:
„Ние имаме советник во областа на економијата и финансиите генерално, а тоа е ММФ. Тоа е можеби најдобриот советник кој би можеле да го имаме и ангажираме, а ништо да не не' чини. Бидејќи, сите нивни совети се бесплатни, а уште од нив добиваме и крадити. Меѓутоа, почнувајќи од премиерот Дачиќ па надолу сите ги одбиваа советите и предлозите на ММФ.“

Не е прашање дали ги сакаме ние нив...

Претпоставка е дека потенцијалните советници во Србија, со оглед на длабочината на економските проблеми, мораат да бидат некоја прва лига светски стручњаци, а не шарлатани какви што Србија ги ангажираше во текот на 90-тите години.

Rechte: Hiermit erkläre ich mich einverstanden, dass die DW meinen eigenen, als Anhang verschickten Fotos, für das gesamte Online Angebot verwenden darf, Marina Maksimovic, Belgrad
Седиштето на Владата на СрбијаФотографија: DW

Билјана Степановиќ меѓутоа истакнува дека прашање е дали тие луѓе би дошле во Србија дури и да им платат: „Значи, треба да бидеме свесни каде сме ние во светски рамки, и колку сме ние воопшто атрактивни. Бидејќи, не заборавајте дека ние секогаш гледаме дали сакаме некој странец да викнеме да дојде да ни помогне или не сакаме. А никогаш не размислуваме дали тој воопшто сака да дојде и да го троши своето време, знаење и енергија во Србија или можеби има некое подобро место за живот и заработа.“

Милан Чулибрк забележува дека при спомнувањето странство секогаш се мисли на Запад, но дека би требало да се размисли дали помош може да се најде и во нешто помалото странство, односно во регионот. „Хрватска и Словенија подобро ја познаваат нашата економија, а имаа и слични проблеми. Но, и тука треба да се внимава, бидејќи да речеме во Словенија сега се соочуваат со некои потполно нови проблеми, така што прашање е колку би помогнале, а колку би наштетиле со своите совети“, заклучува Чулибрк.