1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Странците во Германија имаат проблем со квалификациите

СК/дпа/БГ24 јануари 2013

Иако на Германија и недостасува стручна работна сила, па се повикуваат странци, оние кои веќе живеат во земјата поради недостаток на квалификации претставуваат посебен проблем.

https://p.dw.com/p/17QlY
Фотографија: Fotolia/Marem

Во Германија дури секоја втора мајка со странски корени има работа. Меѓу мајките од германско потекло вработеноста е 72 проценти. До вакви резултати дојде актуелниот извештај на германската влада, кој се занимава со проблемот на работната сила. Весникот Рајнише пост пишува дека германската влада гледа голема потреба за поправање на состојбата во оваа посебна група на „мајки од странско потекло“, и дека сака да отвори различни програми за поттикнување.

Весникот го наведува и податокот дека меѓу странците во Германија кон крајот на минатата година невработеноста била двојно поголема отколку кај Германците. Повеќе од 70 отсто од странците кои се пријавиле како невработени не завршиле никакво официјално признато училиште преку кое би стекнале некакво работно место.

Нов владин концепт

„Мора да се зајакнат напорите за подобра интеграција на невработените мигранти на пазарот на трудот“, се наведува во владиниот извештај. Тоа е нужно и од стопански причини.

Qualifizierung Zuwanderung Deutschland Arbeitsmarkt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Германија, според истиот извештај, се повеќе мајки на малолетни деца сакаат да работат. Од 2006 година уделот на вработените мајки пораснал од 64,1 на 70,2 отсто.

Уште во јуни 2011. година владата го претстави „Концептот за долгорочно обезбедување на потребата за стручна работна сила“. Целта на тој концепт е да се обезбедат работни места за што повеќе млади луѓе, жени, но и за стари лица. Притоа, на невработените треба да им се овозможи стекнување на професионална квалификација за подобро да се интегрираат на пазарот на трудот. Истовремено се прават напори да се привлечат и висококвалификувани странци. И владата и работодавачите, но и синдикатите сметаат дека задоволувањето на потребата за стручна работна сила е предуслов за траен стопански раст.