1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратешката важност на Ормускиот теснец

5 јануари 2012

Иран според сопствени наводи, неодамна спроведе тестови на ракети со долг дострел во близина на Ормускиот морски теснец. Техеран се закани и со блокада на теснецот. Какво е всушност неговото значење?

https://p.dw.com/p/13cs3
Сателитска фотографија на Ормускиот теснецФотографија: picture-alliance/dpa

Ормускиот теснец претставува единствена врска од Персискиот залив до светските мориња. Целокупниот бродски сообраќај од и до најважните земји извознички на нафта во светот се одвива токму преку оваа морска сообраќајница. Најјужниот дел на теснецот е широк само 54 километри и се наоѓа меѓу Иран на север и Оман на југ. Низ теснецот големите танкери дневно превезуваат повеќе од 15 милиони барели нафта. Таа доаѓа од Саудиска Арабија, Ирак, Иран, Кувајт, Катар, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати. Танкерите пловат во насока на Соединетите Американски Држави, Западна Европа, но пред се’ Кина, Индија и Јапонија.

Сите будно го надгледуваат теснецот

Iran Straße von Hormus
Ирански војник на Ормускиот тесенецФотографија: dapd

Токму поради големото значење за извозот на нафта, меѓу соседните држави околу Ормускиот теснец секогаш одново доаѓа до погранични спорови. Така, Иран и Обединетите Арапски Емирати полагаат право на островите Абу Муса и Тунб, за да ја прошират својата контрола над Ормускиот теснец. И меѓународната заедница со будно око го надгледува теснецот. Веќе со години САД ставаат до знаење дека се присутни во тој регион. САД имаат намера во краен случај и со воени средства да интервенираат за да се зачува слободата на морскиот сообраќај во теснецот.

Актуелната закана на Иран дека ќе го блокира теснецот за да се одбрани од санкциите (кои му ги воведува меѓународната заедница порадени неговата спорна атомска програма), од воен аспект би можела лесно да се реализира, пред се’ затоа што Ормускиот теснец се протега долги километри покрај иранскиот брег.

Алтернативни нафтоводи постојат, меѓутоа...

Стручњаците меѓутоа сметаат дека изгледите се мали таквата блокада навистина да биде спроведена, бидејќи Иран со неа би си наштетил и самиот себе и. Земјата би ризикувала избувнување на конфликт, како со блиските земји, така и со земјите чии индустрии се зависни од увозот на нафта преку морскиот теснец.

Алтернативни транспортни рути има, но не во доволен број. Обединетите Арапски Емирати имаат еден нафтовод кој води од Абу Даби се‘ до Оманскиот залив и со тоа од јужната страна целосно го заобиколува Ормускиот теснец. Саудиска Арабија исто така поседува нафтовод со кој е можно да се транспортира нафта од Персискиот залив до Црвеното море. Со тоа, овие две земји сакаат да ја намалат геополитичката зависност.

Но, постоечките алтернативни капацитети не се доволни за да можат барем и приближно да го компензираат застојот кој би настанал со евентуалната блокадата на Ормускиот залив. Според стручњаците, нафтоводите на овие две земји тешко би можеле да ја покријат дневната потреба за нафта во Кина и во Јапонија.

Автор: Родион Ебигхаузен / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска