1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентите сакаат да слушаат свое радио

27 ноември 2011

На три државни универзитети во Македонија во Скопје, Штип и Битола постојат студентски радија. Ред музика, вести и забава. Таков е концептот кој оди во етерот. Програмата ја создаваат пред се’ студенти, идни новинари.

https://p.dw.com/p/13DY0
Студентското радио во БитолаФотографија: DW

Генерациите Македонци со носталгија се присетуваат на времињата кога нивен единствен прозорец во студентскиот живот беше весникот „Студентски збор“. Ова студентско гласило вистинско училиште за новинари и интелектуалци кои и денес значат во јавниот, политичкиот и културниот живот згасна во 2007 година. Во раните девдесетти од минатиот век во студентскиот дом „Гоце Делчев“ постоеше студентско радио. Тоа функционираше цела деценија без буџет и правила. Но оние што беа зад неговите микрофони и во режијата се обидуваа да го следат трендот на будење на младите во време на осамостојувањето на Македонија и долгата транзиција, која непосредно му пресуди и на радиото. Под закрила на Универзитетот Кирил и Методиј на крајот од 2008 година во етерот се слушна гласот на „Студент ФМ“. Но радоста траеше кусо. По 12 месеци - молк. Во март 2010 радиото беше реактивирано.

„Концепциски, имаме новинарски дел во кој главно работат студентите по новинарство и други студенти кои сакаат да соберат искуство. Доаѓаат, снимаат прилози, одат на настани, работат теми и интервјуа. Вториот дел содржи музички емисии и емисии од различни области во чија реализација се вклучени голем број студенти“, вели Даниела Блажевска, главен и одговорен уредник на радиото и асистент на Факултетот за новинарство.

Има ли слобода на говор во Студентското радио ?!

Програмата во живо оди од осум и триесет наутро до еден по полноќ, потоа  работат компјутерите. Радиото е финансирано од Универзитетот. Се наметнува прашањето за слободата на говорот. Младите обично не сакаат да робуваат на ограничувања и стереотипи. Даниела е категорична: „Постои само едно правило дека треба да се почитуваат новинарските принципи. Се‘ што е во рамките на новинарските принципи се разбира секој може да го каже. Искрено, немаме такви проблеми. Студентите по новинарство знаат кои принципи треба да ги почитуваат“. 

Universität Cyril and Methodious in Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Радиото се обидува да стане пријател со слушателите и нивна навика. Во недостиг на буџет новинарите се снаоѓаат за да дознаат дали со она што го прават се на вистинскиот пат: „Го користиме Фејсбук. Авторите и водителите токму преку него комуницираат со слушателите. На профилите преку Интернет добиваат мејлови и дознаваат кој се ги слуша и што им се допаѓа, а што не. На пример има една емисија во која настапува бенд во живо, а слушателите порачуваат песни.

И во Штип – студентско радио кое сака да стане регионално

Проректорот за развој и раководител на Центарот за односи со јавност при Универзитетот Гоце Делчев од Штип Кирил Барбареев со гордост вели дека од 2009 и кај нив функционира студентско радио. Фокусна група им се студентите, но и средношколците кои посакуваат кај нив да се образуваат. За таа цел има емисии во кои се третираат: „Новости кои се случуваат во науката и технологијата. Постојат емисии од економијата, покрај студентите се вклучуваат и асистентите и прават емисии и од културата и спортот. Соработуваме и со другите медиуми во Македонија“.  И во Штип с’ржта во радиото се студенти по новинарство на тамошниот универзитет.

Барбареев амбициозно најавува проширување на медиумот: „Бидејќи универзитетот е лоциран во единаесет градови ние го отворивме прашањето за добивање регионална фреквенција. Тоа не е регулирано и предвидено дека еден Универзитет може да биде организиран во повеќе градови. Ние сега сме со фреквенција само за територијата на Штип. Со техничките можности што ги имаме успеваме  преку стриминг радиото да се слуша насекаде. За информации од факултетите низ источна Македонија користиме дописници - студенти кои всушност преку соработката  се здобиваат со искуство во работа преку медиум“.

Studentenradio in Bitola Mazedonien
Кирил БарабареевФотографија: DW

Во Битола е најмладото студентско радио во Македонија

Во февруари годинава Студентско радио профункционира и на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола. Елена Ацкоска е студент на Правниот факултет, за радиото вели: „Добра е идејата со емисиите за странски јазици. Студентите од двојазичните групи на Педагошкиот факултет покрај на македонски информираат  за работите што се случуваат во градот на англиски, француски и германски јазик. И музичките емисии се многу добри, поради изборот на песни“.

И УКЛО ФМ е непрофитно музичко –говорно радио вели уредникот и новинар Соња Тантарова Груевска: „Во нашите програмски појаси емитуваме: информативни, едукативни и забавни емисии. Кои иако се подготвувани од студенти ги задоволуваат сите професионални стандарди“.

На Битолскиот универзитет нема факултет за новинари, но интерес да работат во радиото покажуваат студенти од сите факултети, додава Соња: „На почеток, бидејќи студентите немаа искуство за работа во радио се работеше на нивна обука. Така постепено започнавме во зависност од интересот на студентите со емисии кои сами ги водат. Ние сме тука да ги упатиме во тајните на новинарството“.

Битолското студентско радио наскоро ќе се слуша и преку интернет. Впечаток е дека  трите радија се против шундот и ниските морални вредности. Се обидуваат едукативно да помогнат во созревањето на младите слушатели.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Ж.Ацеска