1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Студентите се будат во Косово

П. Геогеган/Б. Георгиевски15 февруари 2014

Косово останува извор на тензии и превирања. Невработеноста е огромна, особено меѓу младите луѓе, а корупцијата зема големи размери. Протестите се сѐ почести, а ги предводат студентите

https://p.dw.com/p/1B8ZG
Фотографија: Reuters

Во март 1981 година студентите на Универзитетот во Приштина протестираа барајќи подобра храна во студентската менза и подобри животни услови во домовите. Нивните демонстрации предизвикаа широк бран протести низ цело Косово, и беа двигател на барањата за поголема автономија на провинцијата во рамките на Југославија.

Повеќе од три децении подоцна, Југославија повеќе ја нема, а Косово е независна држава, но студентите од Универзитетот во Приштина повторно се на браникот на барањата за подобри животни услови за сите во малата балканска држава.

Минатата недела студентите се судрија со полицијата во главниот косовски град, откако во јавноста се појавија извештаи за фалсификувани академски дипломи на нивните професори. Во саботата (08.02.2014) ректорот на приштинскиот Универзитет, Ибрахим Гаши поднесе оставка, откако беше обвинет дека издавал плагијати во лажен весник во Индија.

„Се надевам дека мојата оставка ќе доведе до нормализација на работата на Универзитетот“, рече Гаши. Но, некои во Косово се надеваат дека минатонеделните протести ќе водат кон нешто поголемо. „Имаше луѓе од сите возрасти, вклучително и родители на деца кои воопшто и не се на Универзитетот во Приштина и кои им се придружија на протестите затоа што не беа задоволни“, вели Флутура Кусари од Балканската известувачка мрежа (Бирн) во Приштина.

Kosovo Studentenproteste in Pristina Februar 2014
Протести на студентите во ПриштинаФотографија: Reuters

Многу причини за незадоволство

Во Косово постојат многу причини за незадоволство. Меѓународните агенции ја проценуваат невработеноста на некаде помеѓу 35 и 45 проценти од населението. Кај младите луѓе таа е уште повисока- повеќе од 65 проценти од Косовците на возраст меѓу 15 и 24 години се невработени.

„Незадоволството расте подолго време“, вели демонстрантот Дрен Пожегу. Последните настани (плагијатите) беа толку очигледно погрешни и тоа помогна да се изгради голема база на луѓе со различни позадини. Доколку на тоа се додаде хроничниот проблем со невработеноста, сиромаштијата, недостатокот на напредок и депресивното економско опкружување, сето тоа им дава одлична подлога на протестите“, вели Пожегу.

Досега, ваквите масовни мобилизации беа реткост во Косово, кое прогласи независност од Србија во 2008 година. „Многу е позитивно што имаме вакви протести. Ова е еден од ретките протести на кои Косовците излегоа во јавноста и бараа нешто конкретно. Досега имавме општи протести- за воени злосторства, корупција, но на нив не се бараше ништо конкретно“, вели Кусари.

Bildergalerie Mitrovica
Економските перспективи на земјата не се позитивниФотографија: DW/R. Alija

Младата популација и лошите економските перспективи од Косово прават „темпирана бомба“, вели Лумир Абдиџику, директор на Риинвест Институтот. „Повеќето економски политики во земјата се ориентирани кон одржливоста на јавниот сектор- кој и натаму е голем и скап- додека високите нивоа на корупција, бирократија, неформалност и политичка нестабилност ги спречуваат домашните и странските инвестиции“, вели тој.

Не само што нема работни места, туку и косовскиот образовен систем не успева да продуцира квалификувани дипломци. Дополнително, поради остриот визен режим речиси е невозможно да се напушти земјата.

„Од крајот на војната, и меѓународната заедница и локалната власт беа водени од парадигмата на стабилност“, вели Гзим Красниќи истражувач на Универзитетот во Единбург. „Никој не инвестираше во долгорочниот економски развој. Основната идеја беше дека сѐ додека е Косово стабилно, тоа е позитивно само по себе“. Преовладува чувство на беспомошност, додава тој.

Претстои бурен период

Годинава се очекува одржување на парламентарни избори. Владејачката Демократска партија на Косово на премиерот Хашим Тачи ќе има проблем да остане на власт, особено откако двајца видни членови, Фатмир Лимај и Јакуп Красниќи ја напуштија партијата и основаа нова.

Bildergalerie Kosovo Krieg 15 Jahre Brücke Varvarin
Големите штети од војната сѐ уште не се санираниФотографија: picture-alliance/dpa

Извештајот по истрагата на ЕУ за трговијата со органи за време на војната против Србија исто така се очекува да биде објавен во следните месеци, што потенцијално би можело да инволвира високи владини функционери во скандалот. На 23 февруари, повторно ќе се гласа на критичните избори за градоначалник на Северна Митровица, откако избраниот српски градоначалник Крстимир Пантиќ неочекувано се повлече од функцијата.

Она што најмногу му е потребно на Косово е владеење на правото, вели Флутура Кусари од Бирн. „Доколку немате владеење на правото, политичарите ќе ја злоупотребат моќта бидејќи знаат дека никој нема да ги обвини за тоа“.