1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Субвенциите го поскапуваат животот

9 јули 2009

Производителите на млеко од Германија се жалаат дека не можат да преживеат со сегашните цени, а во Африка селаните прекинуваат производство на памук. Двете работи имаат врска со субвенциите.

https://p.dw.com/p/Ijei
Фотографија: AP

Еден даночен обврзник во ЕУ дневно плаќа по 2,5 евра за една крава на пасиште. Половината од вкупниот буџет на ЕУ оди на субвенции во аграрот, иако од земјоделство живеат помалку од три проценти од населението. За споредба: во многу африкански земји од земјоделство живеат до 80 проценти од населението, без субвенции.

По логика, на европските земјоделци треба да им оди добро како на ниедни други во светот. Задоволни би требало да бидат и потрошувачите, субвенциите, кои тие ги финансираат преку својот данок, треба да обезбедат доволна и здрава исхрана за сите. Но, субвенциите течат поинаку. Нив не ги добиваат малите аграрни претпријатија, туку големите аграрни фабрики и концерните кои преработуваат прехранбени производи и ги продаваат. Така, во ЕУ 60 проценти од најмалите земјоделци добиваат само десет проценти од вкупните субвенции. Два процента од најголемите претпријатија пак добиваат една четвртина од вкупните субвенции.

Нереална слика

Landwirtschaft Viehwirtschaft in Frankreich Milchkühe Milchproduktion EU-Quoten
Наместо природна и здрава храна, индустриско производствоФотографија: AP

Сликата за мали земјоделски производители и здрава исхрана одамна не е реална, предупредува и Бенедикт Херлин од фондацијата за иднината на земјоделството, кој учествуваше во подготвувањето на светскиот земјоделски извештај: „Ние како потрошувачи, со придонеси од милијарди, во основа сме наведувани на погрешна исхрана од страна на индустријата. Целата реклама за прехранбени производи во основа е врбување за нездрава исхрана. Резултат на тоа - во светот постојат исто толку нездраво дебели луѓе колку и неухранети.“

Субвенциите се на штета на потрошувачите?

Ситните млекопроизводители се борат за преживување, а се богатат големите претпријатија кои од животните извлекуваат максимум на индустриски начин на производство.

Субвенциите, колку и да звучи парадоксално, водат и до поскапување на животните трошоци. Една организација на потрошувачи во Британија пресмета дека во 2002 година едно четиричлено семејство месечно давало сто евра повеќе за прехранбени призводи, отколку ако не постојат субвенции.

Африка би профитирала без субвенции

Baumwollernte in Brasilien
Неисплатливо производство на памукФотографија: dpa

Ако бидат укинати субвенциите, пак, Африка би можела да извезува 75 проценти повеќе памук, гласи проценката на Африканската комисија, базирана врз бројки од Светската банка. Ова не е на товар само на селаните и потрошувачите, туку и на климата и екологијата. За среќа, вели шефот на Програмата за екологија на ОН, Ахим Штајнер, се чини дека полека сепак се пробива промена во политиката на субвенции во аграрот:

Мислам, а тоа беше и консензус меѓу најголемиот дел од министрите за животна средина, дека натамошниот развој на нашето земјоделство нема да може да биде според моделот од 20 век, туку дека ќе извлечеме поука од грешките од минатото и ќе воведеме новини во аграрната политика. И во ЕУ веќе има друга максима, не само во дискусии, туку и на почеток на примена.“

Но, за субвенциите не одлучуваат министрите за екологија, туку за земјоделство, за финансии и за економија и силните лобисти. Додека глобализираниот аграрен пазар да стане вистински слободен, како што се пропагира често во преговорите на Светската трговска организација од страна на индустриските нации, сите ќе мораат скапо да плаќаат за политиката на субвенции. Како потрошувачите во државите кои вршат субвенционирање, така и ситните земјоделци во Третиот свет.


Автор: Хеле Јепесен/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска