1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

310111 Deutsche Sudan-Politik

12 февруари 2011

На референдум којшто се одржа мирно, луѓето од Јужен Судан се изјаснија за независност, а се чини дека северот на земјата тоа го прифаќа мирно. Дали новите факти ќе значат менување на германската политика кон Судан?

https://p.dw.com/p/10D2V
Карта на Судан со северниот и јужниот делФотографија: DW

Можеше да мине и поинаку, но референдумот за независност на Јужен Судан, наспроти очекувањата на многумина, помина многу мирно. Тоа, според портпаролот за надворешно-политички прашања на партијата на германските Зелени, Керстин Милер, заслужува признание: „Мора да се каже дека јужните Суданци ја испишаа африканската историја. Првпат во историјата на континентот се одржа мирно гласање околу границите повлечени во времето на колонијализмот. Тоа е извонреден успех.“

Südsudan Referendum
Референдумот за независност на Јужен Судан, наспроти очекувањата на многумина, помина многу мирноФотографија: AP

Првиот чекор е направен, но сега треба да се надминат други пречки. Додека светската јавност го има свртено погледот во насока на југ и сето внимание и‘ го посветува на државата во настанување, во никој случај не смее да го испушти од вид и северниот дел на Судан, вели Валтер Линднер, ополномоштеник за Африка во германското Министерство за надворешни работи. „Ако дури и накратко човек се обиде да се стави во ’кожата на северот’, треба да се каже дека тој загуби една третина од територијата и две третини од приходите од нафтата, не го реши проблемот на Дарфур, има претседател кој е обвинет пред Меѓународниот суд за воени злосторства и има внатрешна опозиција која, се разбира, за се‘ го обвинува него. Тие велат: ’Ти си виновен што не‘ снајде целата катастрофа, сега мораш да сносиш политичките последици’.“

Ќе се прави ли трговија со Ал Башир?

Уште пред да бидат соопштени официјалните резултати од референдумот во Јужен Судан за независност, претседателот на земјата Омар ал-Башир даде уверување дека го прифаќа отцепувањето и дека ја прифаќа волјата на јужните Суданци. Доколку Ал Башир го зачува мирот со Југот, според шпекулациите на некои дипломати, можеби би бил повлечен меѓународниот налог за негово апсење. Тоа, според Керстин Милер, е незамисливо: „Тоа би бил разорен сигнал за сите воени злосторници во светот, кои би сметале дека човек мора само да се одржи во игра, да ги игнорира ваквите налози за апсење и тие некогаш ќе станат ад акта.“

UN Sudan Präsident Omar el Bashir
Омар ал-Башир даде уверување дека го прифаќа отцепувањето и дека ја прифаќа волјата на јужните СуданциФотографија: AP

И ополномоштеникот за Африка Линднер оценува дека не би можело да се води трговија „мир со Јужните Суданци во замена за откажување на обвинението“. Но, тој смета дека конструктивен став на Ал Башир би морало да биде награден: „Тој е обвинет пред Меѓународниот суд за воени злосторства, но во овој реформски процес се однесуваше многу конструктивно. Ако така се однесува и при сите останати прашања, тогаш тоа треба да биде наградено со тоа што би почнала економска соработка со северниот дел на Судан, за на тој начин да се спречи Северен Судан да биде дестабилизирачка земја. “

Автор: Штефани Дукштајн / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска