1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судбински избори во Грција

СН/АМ/дпа/ртр/миа17 јуни 2012

Во Грција денеска се гласа на парламентарните избори, кои се сметаат за одлучувачки за тоа дали финансиски загрозената земја ќе остане во еврозоната или не.

https://p.dw.com/p/15Gdw
Фотографија: dapd

По вторпат за само неколку недели речиси 10 милиони Грци со право на глас се повикани да изберат нов парламент. Тоа беше неопходно, бидејќи по последните избори на 6 мај, ниту една од партиите не можеше да состави влада.

Според последните резултати од анкетите, најмногу гласови би можеле да освојат конзервативната Нea Демократија и коалицијата на радикалната левица Сириза. Конзервативците сакаат останување на земјата во еврозоната со помали корекции на условите за штедење и реформи, кои меѓународните кредитопри и’ ги поставија на силно задолжената земја, додека, пак, Сириза најави прекинување на сите постигнати договори, што би довело до излегување на Грција од еврозоната и враќање на драхмата во земјата.

Првичните резултати вечер

Германската канцеларка Ангела Меркел е само една од врвните европски и светски политичари и економисти кои изразија надеж дека Грција ќе избере влада, која ќе продолжи да ги спроведува мерките за штедење кои ги бараат меѓународните кредитори. Токму тие мерки се најспорни за бројни грчки избрирачи, што го прави конечниот исход од изборите целосно неизвесен. Канцеларката Меркел го одложи за 12 часа патувањето на Самитот на Г20 во Мексико, за да го сочека исходот од грчките избори и доколку е потребно да ги изврши првични консултации со партнерите во еврозоната.

Griechenland Wahlkampf
Фотографија: AP

Според анкетите, само 10 партии ќе го поминат прагот од три проценти за влез во парламентот. Според изборниот закон, партијата која ќе освои најмногу гласови, автоматски добива дополнителни 50 места во парламентот, што го олеснува патот до постигнување на целта од 151 место, кое е потребно за формирање влада.

Сепак, и овојпат не се очекува ниту една партија да освои апсолутно мнозинство. Во тој случај, Претседателот на државата и’ дава на најголемата група три дена да формира влада. Ако тоа не се случи, таа шанса ја добива второпласираната партија, па потоа третата и така натаму.

Фирмата „Сингулар Лоџик“, која е одговорна за собирање и дистрибуирање на изборните резултати, соопшти дека првата „сигурна“ проценка на резултатите од изборите би требало да биде објавена околу 21 часот и 30 минути по локално време.