1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судење за воени злосторства на Црвените кмери

21 ноември 2011

Авторитарниот режим се смета за одговорен за смртта на околу 1,7 милиони луѓе кон крајот на 70-те години.

https://p.dw.com/p/13E9V
Фотографија: dapd

Пред судот за воени злосторства во Пном Пен започна судењето на тројца поранешни високи функционери на Црвените кмери, кои се сметаат за одговорни за „полињата на смртта“ во Камбоџа, едно од најголемите злосторства на 20-от век. Тројцата се обвинети за злосторство против човештвото, геноцид, прогони, убиства и мачење во периодот од 1975 до 1979 година. Се проценува дека околу 1,7 милиони луѓе умреле како последица на егзекуции, прегладнување и исцрпеност како резултат на радикалната политика поради која цела Камбоџа била претворена во логор за принудна работа, откако власт се обидела да создаде земјоделско општество. Особена цел на Црвените кмери биле интелектуалците и бизнисмените.

Роднините на жртвите во неделата палеа темјан недалеку од стаклениот меморијал полн со черепи во Пном Пен, на местото каде Црвените кмери ги спроведувале масовните погубувања.

Обвинети се 85-годишниот Нуон Че, главен идеолог на Црвените кмери и заменик на покојниот Пол Пот, 80-годишниот Киеу Сампан, поранешен шеф на државата и 86-годишниот Ленг Сари, ексминистер за надворешни работи. Четвртообвинетата Ленг Тирит минатата недела беше прогласена за неспобна за судење поради тоа што боледува од Алхајмерова болест.

Автор: БГ/ АТ/ дв

Редактор: Симе Недевски