1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

131207 ponte bilanz

13 декември 2007

Главниот хашки обвинител денеска за последен пат ќе одржи прес конференција од функцијата која ја извршуваше во последните осум години. Како ја оценуваат нејзината работа останатите судии во Хашкиот трибунал?

https://p.dw.com/p/CbFo
Карла Дел ПонтеФотографија: AP
Карла Дел Понте за време на неодамнешниот проштален говор во советот за безбедност призна дека нејзините надежи дека Радован Караџиќ и Ратко Младиќ ќе бидат уапсени осетно се намалиле. Пред неколку недели таа најавуваше дека Младиќ ќе биде уапсен до крајот на годината. Единствениот гермаснки судија во Хаг, Волфганг Шомбург, за неуспешните ветувања на Дел Понте вели: „ Како судии ние тоа веќе неможеме да го слушаме, таквите пророштва, бидејќи во некои случаи тие не се исполнети. Притоа никој јасно не знае кои се таканаречените „пријатели на високи позиции„ кои навистина на некого му пружаат заштита„

Шомбург очекувал од Дел Понте поголема воздржаност при јавните настапи. Со сличен став е и адвокатот од Ротердам, Тјард Ван дер Шпел, кој како задолжителен бранител на обвинетите за воени злосторства во Ден Хаг повеќе пати работел со Дел Понте:

„ Госпоѓа Дел Понте е една силна личност. Таа секогаш го покажува тоа што го сака. Но прашањето е дали е секогаш тоа и умно. Таа е многу емотивна, штура и нефлексибилна. Не обраќа внимание на двете страни„

Забелешки но и пофалби за работата

Волфганг Шомбург и забележува на главната обвинителка пред се заради нејзината несигурност, посебно кога станува збор за одрдени договори и ветувања. Сепак тој додава:

„ Севкупно сигурно ќе остане дека госпоѓа Дел Понте направи многу за трибуналот, но и дека таа исто така мораше да има поголема внатрешна контрола и подготвеност повеќе да слуша„

Шомбург на пример смета дека обвинението против Слободан Милошевиќ содржело многу приговори кои влијаеле врз должината на процесот.

Добар дел од обвинетите сеуште чекаат на судски епилог

За време на осумгодишниот мандат на Карла Дел Понте во Хашкиот трибунал беа приведени 90 лица, обвинети за воени злосторства. Некои политичари и воени претставници беа осудени на повеќегодишни затворски казни. Фактот дека Младиќ и Караџиќ сеуште не се во Ден Хаг во секој случај е грешка. Како заслуга на Карла Дел Понте и се препишува тоа што мнозинството срби во Босна веќе не порекнуваат дека во Сребреница бил извршен геноцид и дека систематското силување на жените конечно правно се смета за воено злосторство.

Наследник на Дел Понте ќе биде белгиецот Серж Брамерц. За време на својата работа тој нема да смее да покренува обвиненија. Сите процеси мора да ги заврши до крајот на 2010. Неблагодарна задача за човекот кој неодамна беше надлежен за апсење на атентаторите на либанскиот премиер Рафик Харири.