1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судирите продолжуваат, развојот на настаните во Ирак прилега на востание

6 април 2004

Во судирите меѓу приврзениците на радикалниот шиитски водач Моктада ел Садр и коалиционите сили во Ирак во последните 48 часови загинаа повеќе од 120 лица. Само од болниците во Багдад е јавено за 58 мртви и 236 повредени

https://p.dw.com/p/AcOG
Прпадници на шиитска милиција во Куфа
Прпадници на шиитска милиција во КуфаФотографија: AP

Во градот Насирија денеска, на третиот ден од борбите, се убиени 15 Ирачани, а ранети се 12 италијански војници. Во Амара се регистрирани 12 загинати и 27 ранети Ирачани. При акција во провинцијата Ел Анбар се убиени 4-ца американски војници, тројца други го загубија животот во еден шиитски кварт во главниот град Багдад.

Развојот на настаните навистина прилега на востание, што го најави шиитскиот водач Моктада ел Садр, кој во меѓувреме ја напушти џамијата во Куфа и сега се наоѓа во светиот шиитски град Наџаф. Вината за ваквиот развој министерот за човекови права на Преодниот ирачки владин совет Абдел Басет Турки и’ ја префрли на стратегијата на коалиционите трупи за примена на сила: “Сметам дека окупационите трупи ја започнаа ескалацијата на насилството. Ќе беше подобро да се определеа за дијалог или да искористеа посредници во кои обете страни имаат доверба”.

Ширум светот бараниот милитантен исламист Абу Мусаб ал-Заркави, кој денеска во Јордан во отсуство беше осуден на смртна казна како организатор на убиство на американски дипломат во октомври 2002-ра, им се закани на коалиционите сили во Ирак со нови напади.