1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судир на етнички концепти и за локалните избори во Кичево?

Свето Тоевски12 ноември 2012

ВМРО ДПМНЕ и ДУИ уште пред четири години се договорија за „локален геополитички инженеринг“ во 2013 година. Постојната територијална организација во кичевскиот регион ќе доживее промени.

https://p.dw.com/p/16h1x
Фотографија: DW

Кон Кичево, во моментов се’ уште општина со доминантно македонско население, ќе бидат припоени општините Осломеј, Зајас, Другово и Вранештица, речиси целосно населени со Албанци. Тоа ќе стане за првпат општина со преовладувачка албанска популација.  Деновиве Али Ахмети и бројна делегација од ДУИ во Швајцарија имаа неколку средби со албанската дијаспора. На една од нив во врска со локалните избори во 2013 во Кичево Ахмети кажа: „Тие не треба да се претворат во војна и меѓуетнички судири со Македонците. Но, Кичево ни припаѓа нам, на Албанците, бидејќи, историски, сме биле мнозинско население таму. За да го преземеме, потребно е гласање и на нашата дијаспора на овие избори.“

Генералниот секретар на ДУИ Абдулаќим Адеми дополни: „Во општините, каде што Албанците не надминуваат 60 проценти од населението како етникум, но и како гласачи, апелираме да се обединиме како политички субјекти, како бирачи во целина. Ова е единствен начин да спречиме ризик тие општини да не бидат управувани од Албанци во иднина.“

Лидерот Мендух Тачи на партиски собир токму во Кичево и официјално самиот ги повика сите членови и симпатизери на ДПА „силно и без ниеден предуслов“ да го поддржат кандидатот од ДУИ за градоначалник на Кичево.

Mala Recica Tetovo
Али АхметиФотографија: DW

„Федерализацијата не е опција за албанските политичари“

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски коментира: „Не би било проблем и Албанец да биде градоначалник на Кичево. Но, Албанец како градоначалник, кој ќе ги почитува уставот и законите на Македонија, кој ќе ги почитува знамето, симболот и нејзината химна. Но, според она што се прави во Тетово, Гостивар, во Гостивар, не сметам дека тоа ќе биде така. Ова се можеби последните чекори за организирање на нивната вековна идеја најнапред за федерализација, а натаму и за сецесија на Македонија. Етничките линии се веќе одамна исцртани. Останува само Кичево, за да биде таа линија целосно исцртана во западниот дел на земјата.“

Универзитетскиот професор Ризван Сулејмани е убеден дека федерализирањето на Македонија, не е опција присутна кај политичарите и партиите од албанскиот етникум: „Не е вовед во федерализација. Сега – засега воопшто не е опција. Ниедна сериозна политичка партија не размислува за такво нешто. Има повеќе мобилизација на гласачкото тело и партиска консолидација, која што ќе служи повеќе евентуално за нови предвремени парламентарни избори, но, преку еден проект, да го наречеме симболички, ’Кичево – албанска општина’. Тоа се ’продава’ најдобро кај бирачкото тело. Претпоставувам, со иста намера и македонските политички партии дадоа изјави 'ќе ги обединиме гласовите, за да го сочуваме Кичево.“

Територијална поделба не врз етничко – политички критериуми“

Во овие неколку месеци во написи во македонските и албанските медиуми, или во истапувања на политичари од двата етникума, има и вакви ставови: „Да не дозволиме Кичево да падне во македонски раце“; „Кичево во 2013 година – тест за единство на македонските партии“; „По 2001 – та следната политичка битка на Албанците е освојувањето на Кичево“ и „Да не дозволиме Кичево да падне во албански раце“.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Јове КекеновскиФотографија: Jove Kekenovski

Кекеновски вели: „Потребна е територијална поделба без етничко-политички критериуми, оти тие носат долгорочни последици.“

Сулејмани е категоричен: „Не треба да се концепира дека ќе ’Кичево ќе падне во албански, или во македонски раце’. Апсолутно не е важно кој ќе раководи, туку колку квалитетно ќе гоправи тоа.“

Низ медиумите се појавуваат и написи дека би било можно, наводно, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ да истакнат заеднички кандидат – Македонец за градоначалник. ДВ го праша портпаролот на СДСМ Емилијан Станковиќ: дали СДСМ ќе застане зад кандидат, која ќе го предложи ВМРО ДПМНЕ?

Тој одговара: „Може да се постигне консензус меѓу повеќе политички партии, вклучувајќи го и ВМРО ДПМНЕ, ако се работи за кандидат, кој ужива голем углед во јавноста и кој што е прифатлив за мнозинството граѓани на Кичево. Од ВМРО ДПМНЕ немаме никаква понуда да разговараме за каков било кандидат.“

Дали овие локални избори ќе бидат натпревар на политички концепти насочени кон подобар живот на граѓаните, без оглед на етничката припадност на граѓаните, или ќе станат повод за нов етничко – политички судир меѓу Македонците и Албанците, за судир на етнички концепти, со кои ќе се продолжи исцртувањето на линиите на етничкиот раздор во Македонија?