1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судир на јорданските и сириските сили

Александар Методијев/миа/ројтерс/дпа11 август 2012

Судири меѓу јорданските и сириските сили избија синоќа во пограничната област која ја користат бегалците кои ја напуштаат Сирија. Судирите избија откако група сириски бегалци се обидела да влезе во Јордан.

https://p.dw.com/p/15nxU
Фотографија: Reuters

Јордански извори го потврдија избивањето на судирите меѓу сириските и јорданските сили, и информираа дека најверојатно нема жртви на јорданска страна.

„Пукотниците преку границата дојдоа од сириска страна и изби судир. Првите извештаи покажуваат дека никој не загинал од јорданска страна“, наведе изворот.

Во престрелките биле користени и борбени возила. Тие избиле во моментот кога 500 сириски бегалци се обидувале да минат на јорданска територија. Се верува дека меѓу нив имало и армиски дезертери. Јордански извори потврдија дека меѓу бегалците имало и такви на кои им бил даден „статус од висок приоритет“. Цел на нападот биле бегалците, а јорданските сили возвратиле за да ги заштитат нив. Престрелката траела 30-ина минути.

Krieg in Syrien Flüchtlinge
Судирот се случил во моментот кога 500 бегалци се обидувале да минат на јорданска територијаФотографија: picture-alliance/dpa

Киднапирани новинари

Тројца сириски новинари, вработени во државната телевизја, беа вчера киднапирани од сириските бунтовници. Новинарите ја следеле операцијата на сириската војска во близина на Дамаск. Операцијата била во Ал Тал, северно од Дамаск. Бунтовниците во судирот нападнале и зазеле армиски тенк. Во понеделникот зградата на сириската радиотелевизија беше цел на бомбашки напад.

Муслиманите од САД со осуда на сирискиот конфликт

Претставници на муслимански организации, џамии и исламски центри во САД ги осудија репресиите и нападите во Сирија и повикаа за собирање средства за цивилните жртви од конфликтот. Во организираниот ден за солидарност со сирискиот народ, претставници на една од најголемите муслимански организации во САД - Советот за американско-исламски односи, како и 12 други муслимански и американско-сириски организации го осудија режимот на Башар ал-Асад и повикаа сите американски муслимани да го сторат истото.

„Тоа што се случува во Сирија е неверојатно. Тоа ме потсетува на Пол Пот, на Адолф Хитлер, ме потсетува на најомразените луѓе во светската историја“, изјави имамот Шакер Елсајед, пред 300 верници на традиционалната петочна молитва во џамијата Дал ал Хиџра.