1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судот во Бангладеш го осуди исламистот Гулам Азам за воени злосторства

М. Таневска/афп/ртр15 јули 2013

Гулам Азам,поранешен водач на најголемата исламистичка партија во Бангладеш, е осуден за воени злосторства. Изречена му е затворска казна од 90 години за организирање на злодела за време на војната за независност во 1971

https://p.dw.com/p/197v3
Фотографија: Munir Uz Zaman/AFP/Getty Images

Деведесетгодишниот Гулам Азам доби казна затвор во траење од 90 години. Таканаречениот Меѓународен суд за воени злосторства во Бангладеш го прогласи Гулам за виновен за 61 случај во пет категории: заговор, поттик, планирање, помагање и соучество во геноцид, како и поради злосторства против човештвото за време на војната против Пакистан за независност во 1971 година.

„Обвиненијата за воените злосторства на Азам без сомневање беа докажани и судот му изрече затворска казна од 90 години или затвор се‘ до неговата смрт“, изјави помошниот јавен обвинител МК Рахман.

Обвинителството бараше смртна казна за Азам, кој го опишуваат како „светилник“ кој ги водел воените злосторници и „архитект“ на многу свирепи злосторства, вклучувајќи геноцид, убиства, мачење на цивили и други злодела против човештвото. Специјалниот трибунал од тројца судии меѓутоа се одлучија на затворска казна, со оглед на годините на обвинетиот и слабото здравје.

Азам ја водеше исламистичката партија Џамат-е-Ислами во 1971-ва, за време на крвавата војна за независност на Бангладеш против Пакистан. Азам и неговата партија беа обвинети за формирање милиции за да ги потиснат борците за независност за време на деветмесечната војна.

Според владата на Бангладеш, три милиони луѓе биле убиени и околу 200.000 жени биле силувани од припадници на пакистанската војска со помош на локални соработници. Според независни извори, бројот на загинати изнесува меѓу 300.000 и 500.000.

Јамат-е-Ислами повикува на протест

Азам денеска (15.07) беше донесен во трибуналот од затворска ќелија во владината болница, каде беше лекуван од разни здравствени компликации. Обезбедувањето, по жестоките улични борби кои се случија претходно, беше големо.

Во судирите на приврзаниците на Џамат-е-Ислами и полицијата имаше повеќе повредени, меѓу кои и новинари.

Партиски активисти запалија десетици возила. Полицијата испукала гумени куршуми за да ги растури демонстрантите во Дака, како и во градовите Богра, Комила и Рајшани.

Џамат-е-Ислами, на која што Азам останува духовен водач, соопшти дека судењето е политички мотивирано. Партијата повика на протест низ земјата за да се искаже незадоволството од пресудата, велејќи дека одреден број слични судења биле со цел да се елиминираат нивните лидери.

Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Бангладеш е формиран од владата на премиерот Шеик Хасина во 2010 година за да се судат обвинетите од војната во 1971. Меѓутоа, главната опозициска партија, Националистичката партија на Бангладеш, водена од поранешниот премиер Каледа Зиа, која е сојузник на Џамат-е-Ислами, го критикуваше судот, обвинувајќи ја владата дека се обидува да ја ослабне опозицијата. Борци за човекови права го критикуваат судот поради тоа што врз него нема меѓународна контрола.

Bangladesch Ghulam Azam Urteil 15.07.2013
Демонстрантите, надвор од судот во Дака, извикуваат пароли против Гулам АзамФотографија: Munir Uz Zaman/AFP/Getty Images

Денешната пресуда е петта пресуда на трибуналот од јануари. Тројца исламисти беа осудени на смрт, а еден беше осуден на доживотен затвор.