1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Супер силата во сопствена стапица: по говорот на Буш во Будимпешта

23 јуни 2006

Американскиот претседател Џорџ Буш во Будимпешта се обиде да се надоврзе на традицијата на неговите славни претходници, како Џон Кенеди, Џими Картер и Роналд Реган, кои апелираа до Советскиот Сојуз да им даде слобода на источно-европските народи. Но, тоа не му појде баш од рака – смета Миодраг Сориќ во наредниот коментар.

https://p.dw.com/p/Ae0d
Буш при говорот во Будимпешта
Буш при говорот во БудимпештаФотографија: AP

Најголемата и најважна разлика меѓу тие времиња тогаш и ова сега е фактот што го нема Советскиот Сојуз, земјата што американските претседатели можеа да ја означат како „царство на злото„. Кога денес некој и со право ги критикува повредите на човековите права од страна на Кремљ, сепак никој не спори дека и Русија е земја на патот кон демократијата, а не диктатура. Од друга страна, апелите за слобода се многу посилни, кога говорникот успева да ги спои настаните од минатото со денешнината. Американскиот претседател во Будимпешта зборуваше сепак пред се‘ за минатото и за востанието на унгарскиот народ од пред 50 години. Џорџ Буш се обиде тогашните драматични настани со загушувањето на востанието од страна на руските тенкови да ги поврзе со сегашната состојбата во Ирак. Според мотото: она што Унгарците тогаш го направија во борбата за слобода, денес го прават Ирачаните. Но, оваа споредба куца на една нога. Прво, тешко е да се замисли што би одлучиле Ирачаните што се однесува до присуството на американските тенкови, кога некој навистина би сакал да ја чуе нивната слободна волја. Во арапскиот свет многумина го изедначуваат окупирањето на Авганистан од страна на руските сили во 1979-та со влегувањето на американските во Ирак. Буш таквата споредба со право би ја отфрлил, бидејќи на Ирак денес без американските сили би му се заканувала граѓанска војна. Но, иако тоа е така, на американскиот претседател не му појде од рака во говорот во Будипешта да ги прикаже американските воени сили како ослободители на Ирак.

Неуспехот на таквиот обид не лежи само во слабоста на говорот, кој се служеше со познатата црно-бела дипотрија за добрите и лошите момчиња. Многу повеќе обидот на Буш пропадна поради актуелната политика на највисокиот носител на власта во САД. Оној, кој како Џорџ Буш претендира на водечката улога во светот по прашањето на заштитата на човековите права, би морал да има чиста совест и да биде веродостоен. Американците денес не се, барем не во онаа мера во која беа во 1956-тра. Пречесто во скорешно минато американски војници извршија кршење на човековите права, пречесто измачуваа и дури убиваа цивили. Не може некој да се колне во човековите права и во исто време да одржува затвор како оној во Гвантанамо. Не може да бара правна заштита и сигурност, а да не им ја обезбеди на оние, кои самиот ги држи во затвор. Атентатите од септември 20012-та не можат до бескрај да служат како оправдување за непредржувањето кон нормите на меѓународното право, кое важи за сите – освен за светската супер сила, САД.

Затоа, ако некој во Будимпешта заслужува пофалби, тогаш е тоа не американскиот, туку унгарскиот претседател Ласло Солиом. Тој му одржа лекција на високиот гостин од Вашингтон и му порача дека борбата против тероризмот може да биде само тогаш успешна, кога при секој чекор се води сметка и за почитувањето на човековите права. Во тоа има право!