1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сушата во БиХ ги докрајчи земјоделците

Драган Максимовиќ/Марта Таневска23 август 2013

Овогодинешната суша остави големи последици на земјоделските култури во БиХ. Доколку во наредните денови нема пообилни врнежи, приносите во одредени области ќе бидат тотално уништени.

https://p.dw.com/p/19UAF
Фотографија: Emir Musli

Земјоделците во БиХ веќе со месеци гледаат во небото и се надеваат дека наскоро ќе падне долгоочекуваниот дожд. Доколку тоа не се случи, приносите ќе бидат преполовени, а некаде и уништени. Пченката, овошјето и зеленчукот не можат да издржат на овие температури без дожд, а состојбата се влошува бидејќи многу реки и извори се пресушени.

Владимир Усорац, претседател на Здружението на земјоделците на Република Српска, вели дека оваа година родот е преполовен. „Приносите во Босна и Херцеговина ќе бидат намалени за 50 отсто, а во некои региони и до 90 отсто. Состојбата е повторно катастрофална. Ако набрзо не падне дожд, пченката комплетно ќе пропадне, а во прашање се доведува и сеидбата на зимските култури“, вели Усорац, кој и самиот одгледува големо количество пченка.

Трета сушна година

Загрижувачко е тоа што ова е трета неповолна и сушна година за земјоделството, а истовременео властите немаат механизам и пари да ги зашититат земјоделците. Сеад Јелаќ од Здружението на земјоделците во кантонот Сараево, вели дека страдале многу посеви низ целата земја: „Ќе страда и доцното овошје, одредени сорти на јаболка, сливите се извлекоа... Не може да се каже дека е катастрофа како што беше минатата година, но може да се каже дека ќе има влијание на пролетните култури“.

Овогодинешната суша ќе има директни последици на поскапување на производите до крајот на годината, а посебно на почетокот на следната. Тоа најмногу ќе го почувствуваат крајните потрошувачи кои веќе се соочуваат со некои поскапувања предизвикани од сушата. Месуд Лаота од Здружението на потрошувачите на Босна и Херцеговина вели дека одамна требало да се активираат стоковните резерви на сите нивоа, но да се вклучат и стимулации за земјоделството. Меѓутоа ништо не се презема, проблем се парите, администрацијата и недостатокот на волја: „Главно немаме стратегија до која би се придржувале и обезбедиле нормално да функционира произвоството на земјоделски култури. Тогаш би имале сигурен производ и цена соодветна на условите во кои живееме“.

Препуштени на Бога

Економистите се согласни дека зголемувањето на цената на земјоделските производи и сите кои се поврзани со нив, е неминовно.

Зоран Павловиќ вели дека тоа веќе се гледа на пазарот и дека поради недостаток на капацитети за преработка БиХ ќе биде принудена да ги увезува производите кои не ја издржаа сушата. „Државата, во овој случај субјектите, немаат механизам да ги стимулираат земјоделците, од една страна да го осигураат својот род, а од друга - да вложат пари во наводнување. Тоа доведе фармерите да бидат препуштени на Бога“.

Preise Bosnien
Сеад Јелаќ вели дека поради сушата страдале многу посеви низ целата земјаФотографија: DW

Во Херцеговина, и покрај големиот воден потенцијал и систем за наводнување, родот е, благо речено, преполовен. По минатата, земјоделците не паметат полоша година. Падот на приносите на земјоделските култури директно ќе се одрази на цените на прехранбените производи, а веќе е извесно дека од есен ќе поскапе лебот, но и другите прехранбени производи, што ќе биде дополнителен удар врз лошиот стандард на граѓаните.