1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Суштински реформи на пазарот на работна сила во Германија

1 јули 2004
https://p.dw.com/p/AeQs

Со донесувањето на решението за спојување на помошта во случај на невработеност со социјалната помош остварен е најважниот реформски чекор на германскиот пазар на работна сила од основањето на Сојузната Република. Со компромисното решение што го најдоа владата во Берлин и Домот на покраините, Бундесратот, околу 3,2 милиони корисници од почетокот на наредната година добиваат нов вид социјална сигурност. Министерот за економија и труд Волфганг Клемент оцени дека комбинацијата од скусување на социјалните давачки и подобрувањето на посредувањето на пазарот на работна сила ќе доведе до значително намалување на бројот невработени во земјата.

Ниту една индустриска земја не троши толку многу пари за поддршка на невработените како Германија. Но, и покрај толкавиот финансиски ангажман, Германија има најмал успех во борбата против невработеноста. Ваквата ситуација треба да се измени со новиот систем и тоа така што се намалуваат средствата за помош од една и се подобрува барањето на нови работни места од друга страна. Во тоа позасилено треба да се вклучат сега градовите и општините. Тие ќе бидат на пример надлежни за трошоците за станарина на невработените, што до сега сојузниот државен буџет го чинеше по 3,2 милијарди евра годишно.

“Натегањето заврши, сега доаѓа работата. Никој од оние кои ќе потпаднат под новиот систем нема да пропадне во човечки смисол!“ - вети министероит за економија и труд, Волфганг Клемент.

Новата споена помош во случај на невеработеност се ориентира повеќе во висината кон социјалната помош, која во многу случаи е пониска. Така во старите, западни германски покраини социјалната помош во просек изнесува 345 евра, а во источните 331 месечно. Помошта во случај на невработеност меѓутоа изнесува 493 односно 331 евро. Предвидено е и скусување на времетраењето на помошта за невработени од досегашните 32 месеци, на само 12 од 2006-та година. Истовремено новиот систем го зголемува и притисокот врз невработените лица да прифатат ново работно место, кое и не одговара потполно на нивните квалификации. Во спротивно им се заканува скусување на помошта за 30%. Конечно, во барањето нови работни места ќе бидат вклучени повеќе градовите и општините:

“Ние сме уверени дека децентрализираните решенија на комунално ниво ќе постигнат подобри решенија во борбата против долгорочната невработебност“ - нагласи премиерот на покраинската влада за Хесен, Роланд Кох.