1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тага и протести по бомбашкиот напад во Бејрут

СН/АТ/афп/дпа/миа21 октомври 2012

По терористичкиот напад со осум загинати во главниот град на Либан, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун им изрази сочувство и поддршка на претставниците на либанскиот државен врв.

https://p.dw.com/p/16TzD
Фотографија: Reuters

Во телофонскиот разговор со либанскиот претседател Мишел Сулејман и со премиерот Наџиб Микати, првиот човек на Светската организација изрази надеж дека Либан нема да дозволи граѓанската војна во соседна Сирија да има влијание врз безбедносната состојба.

Во експлозијата на автомобил бомба во петокот загинаа осум лица. Меѓу нив беше и Висам ал Хасан, врвен функционер на либанската тајна служба за кој се верува дека имал блиски врски со сириската опозиција. Во Либан во меѓувреме се засилуваат повиците за оставка на владaта која има поддршка од радикалното шиитско движење Хезболах. Посебно во регионите во кои доминира сунитско население, илјадници луѓе излегоа на улиците и побараa оставка од премиерот Наџиб Микати.

Неколку лица беа повредени во текот на вчерашниот ден кога војската отвори оган врз демонстрантите кои палеле гуми и поставувале барикади на патиштата ширум Либан, изразувајќи гнев поради нападот во Бејрут.

Либанскиот премиер додуша вчера понуди оставка, но, наведе, дека шефот на државата Мишел Сулејман го замолил да остане на функцијата „уште некое време“.

Микати уште изјави дека вчерашниот напад е поврзан со ситуацијата во соседна Сирија и со тамошната граѓанска војна. Тој рече дека експлозијата во Бејрут е поврзана со неодамнешниот случај, кога убиениот генерал ал Хасан разоткрил, наводна завера која Сирија планирала да предизвика хаос во Либан.

Генерал Висам ал Хасан беше погребан, покрај својот ментор, поранешниот премиер Рафик Харири.