1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тага по Братот Роже на Светскиот собир на младите во Келн

17 август 2005

Врз радосната атмосфера на Светските денови на младите во Келн денеска се надвива сенката на една трагична смрт.

https://p.dw.com/p/AcDI
Братот Роже
Братот РожеФотографија: AP

Братот Роже, основач на екуменската заедница од Тезе и многу близок пријател како на претходниот, така и на сегашниот Папа вчера вечер беше убиен во неговото седиште во Франција од една душевно растроена жена. Папата Бенедикт 16-ти во Рим изјави дека е длабоко погоден од смртта на „многу саканиот брат Роже„.

Тажната вест синоќа стигна во Келн за време на вечерната молитва во црквата Света Агнеза, еден од двата пункта на кои Дружината од Тезе на Братот Роже ги води богослужбите во рамките на големиот Собир. За повеќето млади Братот Роже беше многу сакана и високо почитувана личност. Многумина од нив дури повеќепати биле на аџилак во малото место Тезе во Франција и го доживеале лично:

„Го запознав како многу посебен човек и два пати го доживеав во живо. Се‘ уште не можам сосема да сфатам што се случи, морам искрено да Ви кажам„ – рече еден од учесниците од Германија.

90-годишниот Роже Шуц, роден како син на протестантски свештеник од Швајцарија, беше една од најистакнатите религиозни личности на нашето време. Протестантскиот теолог му го посвети целиот живот на помирувањето меѓу христијанските цркви, особено меѓу Католичката и Протестантската. За него солидарноста и љубовта меѓу луѓето беа закон над сите религии и институции. Во далечната 1940. тој ги удри темелите на духовната заедница во малото место Тезе во француската покраина Јужна Бургундија, каде за време на Светската војна тој и неговите истомисленици криеја Евреи пред нацистичките погроми. Во 1962. ја основа и „Црквата на помирувањето„ како централна институција, чии ограноци подоцна беа создадени во голем број земји, меѓу нив и во сиромашните четврти на земјите од третиот свет. На заедницата, што се смета како симбол на екуменското движење, денес и‘ припаѓаат 100 браќа од 30 земји. Две третини се од разни евангелски цркви, а една третина се католици. За секоја Нова година неговата заедница подготвува и средби на млади христијани од повеќе земји секогаш во некој друг град во Европа. За почетоците на оваа идеја Братот Роже во една прилика изјави:

„Сакавме од Тезе да делуваме во насока на подготвка на европска средба и затоа патувавме по цела Европа, вклучувајќи ги и Источно-европските земји.„

Братот Роже за неуморната екуменска дејност доби голем број светски признанија, меѓу другото и Карловата награда на градот Ахен, како и Мировната награда на германските книгоиздатели. Каризматичниот Швајцарец во повеќе прилики беше примен во аудиенција кај починатиот Папа Јован Павле Втори. А на погребната церемонија во Рим, наследникот Бенедикт 16-ти предизвика големо внимание во светската јавност давајќи му при причеста хостија на протестантскиот свештеник Роже, што е во спротивност со католичките догми.