1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Таен анти-терористички центар

Тони Гламчевски11 септември 2006

„Алијанса база“ или „Сојузничка база“ е името на антитерористичката ќелија која од 2003 година функционира во Париз. Дваесетина агенти на тајните служби на САД, Франција, Германија, Велика Британија, Австралија и Канада имаат за задача да ја координираат борбата против Ал Каeда.

https://p.dw.com/p/AdxU

Станува збор за еден таен антитерористички центар, кој работи во срцето на Париз и кој главно е финансиран од американската тајна служба, ЦИА.

Ништо необично, освен фактот дека ќелијата е создадена во моментот кога односите меѓу Вашингтон и така наречената „Стара Европа“ беа најстудени. Темелите на проектот „Алијанса“ беа поставени во април 2002 година, во ноември 2003 година првиот биланс за заедничката работа на американските, француските, германските, британските, канадските и австралиските тајни агенти, упатен до француската министерка за одбрана е позитивен. „Размената на информациите е одлична и потребно е да се развијат нејзините операции за неутрализирање на некои цели,“ стои во документот до кој дојде француското национално радио.

Криминалистот Алан Боер за тоа што значи „поголема оперативност вели:

„Тоа значи дека откако се анализирани собраните податоци, можат да бидат донесени одлуки за акции со цел да се инфилтрираат, уништат или демонтираат терористички организации или да се уапсат нивни припадници. Тоа на координиран начин се случува меѓу тајните служби од повеќе земји„.

И покрај разликите меѓу европските престолнини со нивниот американски сојузник, посебно околу војната во Ирак, тајните служби никогаш не прекинале со размената на информации. Тоа за француското радио го потврдува Кристоф Шабу, шефот на единицата за координација на антитерористичката борба во Франција без притоа да го потврди постоењето на ќелијата „Алјанса база“.

„Ние сме технички лица, ние не се ставаме во политичките сфери. Антитерористичката борба е заеднички влог на сите демократии. Кога ќе се потсетиме на монструозноста на тоа што се случи на 11 септември, незамисливо е да не бидеме ангажирани заедно со нашите американски колеги„.

Првпат за оваа антитерористичка ќелија, со која раководи еден офицер на француските тајни служби,во 2005-та пишуваше „Вашингтон пост„. Тогаш, исто како и сега, по објавувањето на информациите од Радио Франс, официјалните претставници ниту ги коментираа, ниту ги потврдуваа, ниту пак ги демантираа информациите. Според Вашингтон пост, оваа ќелија е заслужна за апсењето на германецот Кристијан Гонзарски, претставен како висок претставник на Ал Каеда во Европа.

За вистинската ефикасност на оваа антитерористичка ќелија нема официјални реакции. Нормално, таа е тајна. Но, француското радио тврди дека американците се задоволни од нејзиното функционирање и дека слични вакви структури се создадени и работат и на други места во светот.