1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тактика за деблокирање или за предвремени избори?!

Костадин Делимитов16 октомври 2012

Старо-новиот закон за бранители, што сега ќе оди на расправа во Собранието, но по скратена постапка, тешко дека ќе донесе пробив во односите помеѓу владејачките партнери во Македонија.

https://p.dw.com/p/16QbM
Фотографија: MIA

Потегот со законот за бранители во Собранието од страна на ВМРО ДПМНЕ е обид за деблокирање на политичкиот процес, или пат кон нови блокади и чекор кон предвремени парламентарни избори. Експертската јавност е поделена околу ваквата дилема што ја предизвика постапката на владејачката партија. Според аналитичарот Јове Кекеновски, законот нема да помине и извесно е дека ќе има предвремени избори.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Професорот Јове Кекеновски смета дека носењето на овој закон ќе ја растури владината коалицијаФотографија: Jove Kekenovski

„Се оди на таа варијанта уште еднаш ако може да се донесе сето тоа, меѓутоа јас сум сигурен дека носењето на овој закон дефинитивно ќе ја растури коалицијата помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Можеби уште еден обид за купување на време до оној момент додека не се најде погоден термин за  распуштање на Собранието и распишување на нови вонредни парламентарни избори. Тие ќе се обидуваат со голем број на амандмани, коишто сигурно нема да поминат, да купат време и некаде таму пред Нова година да се излезе во јавност и да се каже дека нема никаква можност тоа да продолжи, законот нема да биде донесен, собранието ќе се распушти и ќе имаме нови избори“, прогнозира Кекеновски.

Ваквиот развој според аналитиларот Алберт Муслиу значи продолжување на кризата од за него нејасни причини, бидејќи двете партии имале доволно време да се договорат околу ова прашање и пред интерпелацијата за работењето на Владата.

„За жал се одлучиле за друг пат, кој реално може да генерира повторно тензии и недоразбирања и повторно јавноста да се оптоварува со прашања кои не се од примарна важност. Мислам дека во државава има доволно проблеми, така што двата коалициони партнери треба подобро да ги решаваат нив, отколку да ја продолжуваат оваа нејасна ситуација“, коментира Муслиу.

Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus
Потегот со законот за бранители е обид за деблокирање на политичкиот процес, но тој води и кон нови блокадиФотографија: MIA

Според комуникологот Петар Арсовски, овој потег евентуално има смисла доколку е само дел од некој поголем пакет со ДУИ за да се одблокираат заглавените процеси.

„Гледаме дека во последно време има некои обиди за такви потези, како на пример фактот што советниците на ВМРО ДПМНЕ гласаа за споменикот на Хасан Приштина во Чаир и обратно советниците на ДУИ за Ѓорѓи Сугаре. Така што има некое придвижување во таа насока и таквиот потег има смисла доколку е дел од таков некој пакет. Бидејќи ако не е, повлекувањето на законот и неговото пуштање по скратена постапка не прави тој да помине. Додека нема политича волја кај ДУИ, или договор помеѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, тој закон ВМРО ДПМНЕ не може да го донесе. Така што јас го гледам во некаква таква насока - повеќе кон граѓаните и дел некој од договор кој се’ уште не го знаеме“, смета Арсовски.

Старо-новиот закон за бранители сега во скратена постапка се очекува да биде ставен на дневен ред во Собранието на крајот на месецов. ДУИ најави пет илјади амандмани на повторната расправа во матичната Комисија за труд и социјална политика. Законот за бранителите е врвот на кризата во функционирањето на владината коалиција што трае веќе два месеца.