1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талибанците ја менуваат тактиката

Васлат Хасрат-Назими/ Симе Недевски25 февруари 2013

Во војната во Авганистан, според последните податоци на ОН, за првпат по шест години се намалил бројот на цивилни жртви. Истовремено, зголемен е бројот на напади врз претставниците на авганистанските власти.

https://p.dw.com/p/17kwf

Мисијата на ОН во Кабул минатата недела извести дека во 2012 година  седумкратно се зголемил бројот на напади врз соработници на авганистанската влада отколку во претходната година. Според наводите на претставниците на ОН, бунтовниците целно убивале и соработнички на авганистанската влада. Само два примера за тоа: во декември минатата година во провинцијата Лагхам е убиена раководителката на тамошните женски власти и тоа само неколку месеци по убиството на нејзината заменичка. Шефот на полицијата во главниот град Кабул, генералот Ајуб Саланги, е загрижен поради тоа: „Јасно се гледа дека жените како  т.н „лесни цели“ се на нишанот на непријателите на Авганистан. Се надевам дека во иднина ќе бидат преземени заострени мерки за да се спречи тоа“, изјави Саланги.

Луѓето не даваат да бидат заплашени“

Сепак, според зборовите на шефот на полицијата, моралот кај цивилните соработници на авганистанската влада и натаму е висок и тие не даваат да бидат заплашени од застрашувачките податици наведени во извештајот на ОН. „Луѓето во Авганистан се обврзаа на тоа дека ќе и‘ служат на земјата и оти ќе го работат тоа и во иднина“, изјави за ДВ Ајуб Саланги.  

Niederschlagung der Taliban Angriffe in Kabul 15.04.2012
Фотографија: DW

Врз основа на податоците објавени во извештајот на ОН, во 2012 година во најразлични напади убиени се 255 владини соработници. Во 2011 година тој број изнесувал 34. Политикологот од универзитетот во Кабул, Фарук Башар, верува дека талибанците на тој начин сакаат да го зголемат притисокот во земјата: „ Тие сакаат да го зголемат стравот меѓу луѓето поради најавеното повлекување на меѓународните трупи во 2014 година. Сакаат да покажат дека авганистанската влада и нејзините безбедносни сили по 2014 година повеќе нема да бидат физички и психички во состојба да ја задржат контролата врз земјата“, вели Башар.

И додека бројот на убиени цивилни владини соработници се зголемил во застрашувачки размери, за околу 12 насто е намален бројот на т.н „нормални цивили“ кои смртно страдале во напади во земјата. Тој во 2012 изнесувал 2800. ОН исто така наведуваат дека трупите на НАТО и авганистанските сили во осум насто случаи се одговорни за убиства и ранувања на цивили.

Ситуацијата останува неизвесна

Независната авганистанска комисија за човекови права ги потврди податоците од извештајот на ОН. Таа објави и сопствен извештај, според кој бројот на убиени лица во земјата се намалил за 20 проценти. Но портпаролот на Комисијата Шамсула Ахмадџаи за ДВ истакна дека зголемениот број напади врз владини сорабоници не дава многу простор за оптимизам. Според него, талибанците немаат загубено на сила, туку само ја имаат променето тактиката.