1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Танго на моќта

Кристина Нагел20 ноември 2008

Долниот дом на рускиот парламент, Думата, во второ читање го одобри продолжувањето на мандатот на претседателот на државата од четири на шест години.

https://p.dw.com/p/FyQj
Думата во Москва, или како што уште ја нарекуваат „руската Бела куќа“Фотографија: picture-alliance/ dpa

Промената на уставот треба да ја одобрат уште вториот дел од Парламентот и две третини од регионалните собранија. Во меѓувреме, во Москва се шпекулира дека поранешниот шеф на државата и сегашен премиер, Владимир Путин, по промената на уставот повторно ќе се кандидира за функцијата - претседател на Русија.

Темпото со кое Дмитри Медведев ги преточува уставните реформи во закони е навистина огромно. И второто читање мазно помина во Думата, во краток рок. Само комунистите гласаа против, но другите се единствени: „Мислиме дека четири години се прекраток мандат. На пример, ако се земе буџетот, мора да се планира за два тригодишни периоди. Или, ако се имаат предвид новите комплицирани задачи пред кои стои Русија. Мандатот кој е предложен е оптимален“, вели еден пратеник.

Russland Präsident Dimitri Medwedew Rede zur Nation in Moskau
Рускиот претседател, Дмитри МедведевФотографија: picture-alliance/ dpa

Како да се остане вечно на власт?

Зад кулисите, пак, се шпекулира. Политичари, истражувачи на јавното мислење и политиколози се прашуваат: кому му е во полза продолжувањето на мандатот на шест години? На Путин или на Медведев? Лилиа Шевцова од московскиот „Карнеги центар“ се смее: „Тоа воопшто не е важно. Не трошете си ги интелектуалните способности да пронајдете кој од двајцата го води танцот. Не постојат разлики.“

Путин и Медведев играат свој танго, смета Шевцова. Танго на моќта. По дефиниција, импровизирачки танц: „Промените на уставот кои сега служат како средство, се нужни за разјаснување на едно важно прашање: како можеме вечно да останеме на власт?“, смета таа.

Дуото на врвот има поддршка од сите?

Необично е важно, притоа, промените да се извршат пред финансиската криза да премине во појасна економска криза. Сите се‘ уште го поддржуваат водечкиот дует, од народот до партиите и важните фирми. Но, во акутна кризна ситуација тоа може да се промени, смета Шевцова. Затоа е важно да се заштити добриот имиџ на Путин, со кој тој се здоби во осумте години од стапувањето на функцијата.

Wladimir Putin in China Reaktion auf Kriegsausbruch in Südossetien
Рускиот премиер, Владимир ПутинФотографија: AP

„Кризата продолжува, ќе стане уште полошо отколку што мислиме, можеби гадно. Значи, ни‘ треба една конфигурација на моќ, која ми овозможува, мене, на Путин, да не бидам одговорен за кризата. Тоа значи, мора да бидам премиер и да вршам друга задача, во која имам влијание врз државата, но не сносам одговорност. А, тоа го овозможува само една функција: претседателската“, вели Шевцова.

Dmitri Medwedew bei Gespräch mit Wladimir Putin zu Georgien Südossetien
Моќно дуоФотографија: AP

Реформите треба да покажат дека Русија се менува

Ако кризата заврши катастрофално за Русија, на Путин му останува можноста официјално да го заврши танцот. Моќта останува кај Медведев, кој ќе ги штити интересите на својот ментор. За неговите реформски предлози кои треба да водат кон повеќе демократија и конкуренција Шевцова вели: „Овие реформи се само имитација. Тие треба да покажат дека Русија се менува. Медведев да не изгледа глупав и да може да му конкурира на Обама и неговата програма за промени.“