1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тачи бара средба околу двојазичноста

29 јули 2009

Примената на албанскиот јазик ја вжештува конфронтацијата меѓу ДПА, ДУИ и Нова демократија. Но, сите, јавно или притаено, бараат двојазичност на цела територија на Македонија.

https://p.dw.com/p/IzPw
Мендух ТачиФотографија: Petr Stojanovski

Лидерот на опозициската Демократска партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи денеска (29.07.2009) ќе побара средба со спикерот на парламентот, Трајко Вељановски. Тој на својот мајчин јазик, на Вељановски ќе му достави измени на донесениот Закон за употреба на јазиците. Според тие измени, албанскиот би се третирал како службен, државен јазик и во оние средини каде Албанците не чинат повеќе од 20% од населението. Ако нема позитивно расположение за нејзината иницијатива, ДПА најавува излегување на пратеничката група од Собранието.

Двојазични табли и натписи и во Битола и Гевгелија, на влезовите на македонската територија, албански јазик во владата, водење на собраниските седници и на албански јазик, кој се предвидува и за официјалните документи за идентификација – сето ова е дел од проширените амбиции за паралелно користење на двојазичноста. Ваква радикализација на примената на Охридскиот договор се бара откако Имер Селмани (Нова демократија), по лидерската средба минатата недела, побара со Законот за Собрание, што би требало да биде донесен кон средината на август, да се реши и комплетната двојазичност во законодавниот дом. „Да имаме навистина соодветно имплементирање на службено ниво и на албанскиот јазик“, изјави Селмани.

Охридскиот договор треба да се спроведе до крај

Владеачката Демократска унија за интеграција (ДУИ) прво беше воздржана, но сега под притисок на опозициските партии кај албанскиот политички блок со став: „И во овој закон треба да стои норматива за уредување на употребата на албанскиот јазик“, рече пратеникот Тахир Хани од ДУИ.

Премиерот Никола Груевски повторува дека Законот за употреба на јазиците е донесен минатата година и дека сега е фазата на негова доимплементација. „Тоа е еден од предизвиците во делот на исполнување на Охридскиот рамковен договор“, вели Груевски.

Вонпарламентарната ВМРО Народна на екс-премиерот Љубчо Георгеивски, кој е потписник на Рамковниот договор, е против двојазичност на цела територија, што според партијата, би била нова шанса за дестабилизација на меѓуетничките односи.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска