1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајберт обезбеди бронза во бокс, германските фудбалерки "го промашија" големото финале

24 август 2004
https://p.dw.com/p/AemL
Германските фудбалерки се изборија за продолжение против САД, но не и за конечен успех и пласман во финалето
Германските фудбалерки се изборија за продолжение против САД, но не и за конечен успех и пласман во финалетоФотографија: dpa

Германскиот боксер во перолесна категорија, 22-годишниот Витали Тајберт, го обезбеди бронзениот медал победата во четвртфиналето против 18-годишниот Кубанец Луис Франко Васкез со 34 спрема 26 погодени удари. В петок во полуфиналето Тајберт ќе боксува против Сонг Гук Ким од Северна Кореја.

На германските хокеари на трева им се укажува историска шанса да бидат единствени кои во исто време се светски и европски прваци, како и победници на олимпијадата во овој спорт: машката репрезентација се пласира за полуфиналето, токму како претходно и женската селекција. Хокеарите одиграа нерешено 2 спрема 2 против Пакистан и со ист број бодови, но послаба гол-диференција се второпласирани во групата, зад тимот на Шпанија. Противникот на Германија во полуфиналето в среда ќе го одреди дуелот Австралија-Холандија.

Женската фудбалска репрезентација на Германија ќе игра во малото финале, во борбата за бронзениот медал, против селекцијата на Шведска. Германките загубија од репрезентацијата на САД со 2 спрема 1 и тоа во продолжението. Во регуларниот тек Американките водеа до последните моменти со 1 спрема нула, а Германија изедначи на истекот од надоместувањето на времето од 5 минути. Потоа, во продолжението од два пати по 15 минути објективно подобриот американски тим се избори за заслужениот пласман во финалето, каде ќе игра против селекцијата на Бразил, која во другиот полуфинален дуел ја победи Шведска со 1 спрема 0.

Во атлетските натпревари на олимпискиот стадион синоќа не се остварија германските надежи за уште еден успех на ветеранот, петкратниот светски првак во фрлање диск, Ларс Ридел. Поради повреда тој се откажа по третиот обид и остана на осмото место. Торстен Шмид е десетти. Победи Роберт Фазекаш од Унгарија, европски првак, пред олимпискиот првак од игрите во Сиднеј Виргилиус Алекна од Литванија и Золтан Коваго исто така од Унгарија.

Светската вицешампионка Кели Холмс од Велика Британија на патеката од 800 метри ја симна од олимпискиот трон Марија Мутола од Мозамбик: шампионката од Сиднеј во финишот дури остана и без медал на четвртото место, зад Хасна Бенаси од Мароко и Јоланда Цеплак од Словенија.

Франсоаз Мбанго-Етоне со победата во трискок го освои првиот поединечен златен олимписки медал за Камерун - пред 4 години фудбалерите на таа земја беа олимписки прваци. Гркинката Девеци го освои сребрениот, Русинката Лебедева бронзениот трофеј.

20-годишниот Американец Џереми Воринер го наследи Мајкл Џонсон на патеката од 200 метри. Американците доминираа, освојувајќи ги по четврти пат на олимпијадите сите медали во оваа дисциплина: втор беше Херис, трет Бру.

На 5 илјади метри златен медал за Месерет Дефар од Етиопија, која зад себе ги остави Очичи од Кенија и својата сонародничка Дибаба. Претставничката на Германија Ирина Микитенко се пласира на седмото место. “Морам да бидам задоволна, бидејќи подготовките не се одвиваа сосем според мојот план.Поради тоа не можев од почетокот да забрзам, ми недостасуваше малку брзина, но знаев дека сум брза на крајот” – рече Микитенко по трката.

Во натпреварите во гимнастика на справи поединечно, Италијанецот Игор Касина го освои златото на вратило, а Германецот Флоријан Хамбихен е седми. На кругови изненадувчки победник е Украинецот Валери Гончаров, во прескок Шпанецот Хервазио Дефер го повтори успехот од Сиднеј. Во женска конкуренција победа на Романката Каталина Понор во партер и на греда.

Украинката Ирини Мерлини се запиша во историјата како прва олимписка шампионка во борење слободен стил за жени, нов спорт на програмата на олимпијадите. Во финалето во категоријата до 48 килограми таа ја совлада Јапонката Чихару Ичо. За бронза се избори Американката Патриша Миранда. Бригите Вагнер беше кандидатка за медал, но заврши на шестото место. Златен медал освоија Јапонките Саори Јошида во категоријата до 55 и Каори Ичо до 63 килограми, каде Германката Штефани Грос се најде меѓу првите осум. Кинезинката Џу Ванг беше најдобра во категоријата до 72 килограми. Анита Шецле не настапи во борбата за шестото место поради повреда на коленото.

Во кревање тегови на 35-годишниот Грк Акиакос Какиасвили не му успеа да го освои четвртиот последовен златен олимписки медал во категоријата до 94 килограми. Тој дури немаше ни еден успешен обид и остана без пласман. Победи Милен Добрев од Бугарија.

Софтбал, еден вид безбол за жени, по трет пат е на програмата на олимпијадите и по трет пат Американките се победнички.

Во атинскиот велодром победа на австралискиот велоспиедски квартет на патеката од 4 илјади метри. Германците, шампиони од Сиднеј, во Атина останаа без медал, пласирајќи се на 4-тото место.