1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајфунот Бофа однесе стотици животи во Филипините

БГ/миа5 декември 2012

Тајфунот погоди повеќе провинции во Филипините. Ветрови со брзина од 230 километри на час уривале се’ пред себе.

https://p.dw.com/p/16vxq
Фотографија: Reuters

Билансот на загинатите во налетот на тајфунот Бофа, кој ги погоди Филипините, достигна повеќе од 230 лица, повеќе десетици се водат како исчезнати, а најзагрозени се подрачјата во јужниот дел на земјата, изјави портпаролот на филипинската Влада Фе Маестре. Тој потврди дека најмалку 151 лице загина во најтешко погодената покраина Компостела Вали и уште 66 жители и војници настрадале во поплавите и лизгањето на земјиштето во јужниот дел на Филипините.

Филипинскиот секретар за социјална заштита Коразон Солиман ја опиша сцената на целосно опустошување на јужните области, каде во повеќе градови и села куќите и други објекти се разурнати.

„Малку објекти останаа недопрени во градот Катил. Мораме да побрзаме во тие области со вреќи за спиење, лекови, сува облека и најважното шаторите, бидејќи преживеаните живеат на отворено, со оглед на тоа дека тајфунот ги однесе нивните куќи и кровови, истакна таа.

Taifun Bopha Philippinen
Фотографија: AFP/Getty Images

Ситуацијата е еднакво лоша и во градот Њу Батан, каде најмалку 44 лица загинале во поплавите и лизгањето на земјиштето. „Телата се оставени да лежат на земјата на отворено во Њу Батан, Ние не сакаме да ризикуваме ширење на болести, изјави Солиман. Тајфунот, проследен со пороен дожд и ветрови, кои достигнаа брзина до 210 километри на час, погоди вчера подрачје од околу 600 километри во јужните острови и постепено се преместуваше кон централниот дел на Филипините и кон Јужното Кинеско Море. Метеоролозите наведоа дека Бофа, најсилниот тајфун, кој оваа година ги погоди Филипините, ослабнал откако минал на копно во провинцијата Давао Ориентал, така што брзината на ветровите ослабнала на 160 километри на час.