1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Стил на живот

Твитер го удвојува бројот на карактери

БГ
8 ноември 2017

Корисниците на Твитер наскоро ќе можат да пишуваат твитови со должина од 280 карактери. Социјалната мрежа се надева дека промената ќе ја зголеми активноста и ќе ѝ овозможи да му парира на Фејсбук

https://p.dw.com/p/2nFAr
Symbolbild - Twitter Logo auf Handydisplay
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Rourke

Откако Твитер изведе серија тестови за зголемување на бројот на дозволените знаци од 140 на 280 во септември годинава, вчера мрежата објави дека ќе ги имплементира промените во речиси сите јазици.
„Го зголемуваме лимитот на карактери! Сакаме да биде полесно и побрзо за секој да се изрази“, соопшти Твитер од својот официјален профил.

Ограничувањето на 140 знаци ќе остане за јапонските, корејските и кинеските корисници, затоа што кај нив тоа и не е голем проблем поради спецификата на азбуките.

Во блог посветен на таа тема, менаџерката на Твитер Ализа Розен вели дека можноста за подолги текстови нема да влијае врз основните карактеристики на мрежата. „Забележавме дека кога луѓето користеа повеќе од 140 знаци, твитаа побрзо и почесто“, вели таа. „Но поважно, луѓето најчесто твитаа под 140 карактери и концизноста на Твитер остана“.

Ко-основачот на Твитер Биз Стоун напиша дека подолгиот лимит имал позитивен ефект и врз активноста на мрежата. „Освен повеќе твитање, луѓето кои имале 280 карактери добиле повеќе ретвитови, споменувања, следбеници и лајкови, и биле позадоволни од Твитер. Затоа и вие ќе добиете 280- уживајте“.

Засега останува нејасно кога целосно ќе биде имплементирана промената, иако се очекува да биде овозможена за мобилните корисници при следниот апдејт на апликацијата.

Твитер е под притисок да ги зголеми приходите од реклами и да привлече нови корисници, затоа што далеку заостанува зад својот голем ривал- Фејсбук. Твитер е популарен меѓу новинарите и политичарите, но Фејсбук и натаму доминира меѓу широките маси. Во споредба со околу 2 милијарди активни корисници на Фејсбук месечно, Твитер може да се пофали со само 330 милиони.

Твитер досега не успеваше да стане профитабилен, иако месецов соопшти дека успеал да ги намали загубите. Најавено е дека дури би можел да стане и профитабилен до крајот на годинава, за првпат од основањето во 2006 година.