1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТВ-дуели - медиумски спектакл или важни за носење одлука?

Торстен Фас / Превод: Елизабета М. Фиданоска1 септември 2013

Кампањата за парламентарните избори во Германија е во полн ек. Врвните кандидати на ЦДУ и СПД вечерва (01.09.) ќе се соочат на телевизиски дуел. Политикологот Торстен Фас смета дека дуелите се добра традиција.

https://p.dw.com/p/19ZhP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Германија вечерва во телевизиски дуел ќе се соочат канцеларката Ангела Меркел од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзиниот предизвикувач од Социјалдемократската партија (СПД) Пер Штајнбрик (на насловната фотографија). На четвртиот ТВ-дуел во историјата на германските параламентарни избори, четворица водители ќе поставуваат прашања над 90 минути. За разлика од претходните дуели, во овој дуел еден од водителите - Штефан Раб, не е класичен политички новинар, туку е познато лице од сферата на забавата.

Телевизиските дебати пред изборите за Бундестагот имаат долга традиција во Германија. Во 1970-тите и 1980-тите беше вообичаено раководствата на сите партии застапени во парламентот да дебатираат по четири часа. Ваквата традиција меѓутоа престана по изборите во 1987 година. Во предизборието во 1990-тите години немаше вакви дискусии за теми од кампањата.

Ирачката војна и поплавата

Дури во 2002 година се случи првиот дуел меѓу Герхард Шредер и неговиот предизвикувач Едмунд Штојбер. Тоа беше повторно оживување на телевизиските дебати, но во изменет, американски формат. Шредер и Штојбер влегоа во рингот како кандидати за канцелар во стилот на американските претседателски дебати и согласно мотото: „Од канцеларот зависи!“ Притоа, на изборите за Бундестагот во Германија се избираат пратеници за парламентот, а потоа тие го избираат канцеларот. Шредер и Штојбер имаа два дуела, на четири и на две недели пред изборите и по 90 минути дискутираа за најважните прашања на земјата, пред се‘ германското учество во ирачката војна и големата поплава во источните герамански покраини.

Kanzlerduell 2013
Водителите на годинашниот ТВ-дуел - Штефан Раб, Ане Вил, Мајбрит Илнер и Петер Клепел (од лево кон десно)Фотографија: picture alliance/AAPimages

Интересот беше огромен и кај медиумите и кај избирачите. Секој од дуелите имаше по 15 милиони гледачи. Квоти какви што инаку има само кога игра фудбалската репрезентација. Двата дуела од 2002 година етаблираа нова традиција, зашто по еден дуел имаше и на изборите кои следуваа. Тие беа пренесувани паралелно од јавниот радиодифузен сервис и двете најголеми приватни телевизии, кои имаа по еден свој водител.

Здодевно и бескорисно?

На медиумите, избирачите и двајцата врвни кандидати бргу им се допадна ваквиот американски формат. Меѓутоа, дуелите се предмет и на критики. Жестоки критики можеа да се слушнат на сметка на дуелот во 2009 година. Медиумскиот тенор гласеше - дебатата меѓу Меркел и Штајнмајер, тогашните канцелар и вицеканцелар во големата коалиција, била здодевна и бескорисна.

Но, дали е тоа точно? Од 2002 година, ние, тимовите истражувачи на различни универзитети, ги ставаме под лупа телевизиските дуели. Каниме луѓе да ги следат дуелите заедно со нас и ги документирами нивните впечатоци во текот и по дебатата. Така, како истражувачи, можеме многу добро да осознаеме што во текот на дебатата наидува на добар одек, а што не и пред се‘ - дали тоа носи некакви ефекти?

Мотивација за избори

Резултатите покажуваат дека дури и, како што се тврди, здодевниот и бескорисен дуел од 2009-тата, за учесниците на нашите студии беше интересен и корисен. Овој драматуршки инсцениран и содржински набиен формат, такаречи кампања во мало пакување, е мост токму до избирачите кои вообичаено не се интересираат за политика. Токму тие сметаат дека дуелот е корисен, дека од него учат и собираат впечатоци. Дуелите исто така и мобилизираат и мотивираат да се излезе на гласање и тоа влијаат токму врз оние групи на кои политиката не им е блиска.

TV Kanmzlerduell MErkel vs. Schröder 2005
Меркел и Шредер на дуелот во 2005 годинаФотографија: Julia Fassbender/Bundesregierung - Pool/Getty Images)

Друга критика: со дуелот во фокус се ставаат само двете големи партии и нивните кандидати за канцелар, а „малите“ натпреварувачи во изборната трка се исклучени. Во 2002 година тогашниот врвен кандидат на либералите, Гидо Вестервеле, поднесе тужба пред Уставниот суд поради тоа што на дуел смееја да настапат само двајцата кандидати на големите партии, ЦДУ и СПД, но не и тој. Тужбата беше отфрлена. Уставниот суд образложи дека известувањето за партиите во предизборието треба да биде генерално одмерено, но тоа не мора да се прави во секој одделен случај.

Како и да е, оваа година и малите партии ќе го кажат своето. Во понеделник (02.09), по дуелот Меркел-Штајнбрик, има телевизиска дебата со врвните кандидати на ФДП, Зелените и Партијата на левицата. Во дебатниот ринг значи ќе се најдат сите партии застапени во Бундестагот. А, кој ќе ги погледне изборните резултати од 2009 година и особено исклучително добриот резулат на таканаречените мали партии, тој знае дека учеството на „големиот“ дуел навистина не е гаранција за добар резултат на денот на избори.

Торстен Фас е политиколог на универзитетот „Јоханес Гутенберг“ во Мајнц. Тој раководи со сферата „Емпириски политички истражувања“ на Институтот за политички науки.