1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тежок земјотрес го погоди Мјанмар

ЕМФ/ард/афп11 ноември 2012

Во земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала во Мјанмар загинаа најмалку 13 лица, а повредени се околу 40. Во погодениот регион има бројни туристи, бидејќи сега е главната туристичка сезона.

https://p.dw.com/p/16gnG
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во земјотресот чиј епицентар се наоѓал на 117 километри северно од вториот по големина град во Мјанмар, Манделеј, на длабочина од десет километри, се урнал мост над реката Иравади, а во регионот се оштетени и повеќе будистички пагоди.

Меѓу жртвите во земјотресот се четворица градежни работници кои работеле на мостот и две лица кои загинале откако се урнал еден од будистичките храмови, соопшто невладината организација „Save the Children“. Шестмина други загинале во општината Синт Ку, во регионот Сагаинг. Една жртва има и во градот Манделеј. Болниците соопштија дека на лекување се околу 40 повредени.

Градот Манделеј има околу еден милион жители, а во регионот околу него постојано има и голем број туристи поради многуте храмови. Сега во регионот е главната туристичка сезона.

Помали земјотреси се случуваат често во овој регион, но тие најчесто минуваат без штети. Во март 2011 година во Мјанмар, во земјотрес со јачина од 6,8 степени, загинаа повеќе дестици луѓе, а оштетени или сосема урнати беа стотици куќи. Тогаш земјотресот се случи во близина на границата со Тајланд.