1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Телото на Јасер Арафат ќе биде откопано во вторник

Александар Методијев /афп/ап/дпа24 ноември 2012

Телото на поранешниот палестински лидер Јасер Арафат ќе биде ексхумирано во вторник за да се направат тестови дали причината за неговата смрт е труење, информираше денеска палестинскиот тим за истрага.

https://p.dw.com/p/16pBz
Фотографија: Leon Neal/AFP/Getty Images

„Гробот ќе биде отворен на 27 ноември и експертите ќе земат примероци истиот ден во рок од неколку часа“, информираше во Рамалах поранешниот шеф на палестинската разузнавачка служба Тафик Тирави.

Yasser Arafat Mausoleum
Работите во мавзолејот на Арафат се започнати од пред десетина денаФотографија: Leon Neal/AFP/Getty Images

Тој појасни и дека церемонијата со воени почести за повторен погреб ќе биде направена подоцна во текот на истиот ден. Тирави, кој е на чело на комисијата за истрага на смртта на Арафат, изјави и дека во земањето примероци за анализа ќе учествуваат швајцарски, француски и руски експерти.

Францускиот тим пристигна вчера во Рамалах, а другите два тима се очекуваат да пристигнат утре. Работници од пред десет дена започнаа со постапката за отворање на гробот на Арафат. Зафатот за отворање на гробот ќе биде завршен во понеделник. Резултатите од тестовите ќе бидат познати за неколку дена или, пак, до крајот на годинава, изјави анонимен избор од палестинските власти.

Арафат почина во ноември 2004-та година, еден месец откако одеднаш се разболе, па затоа палестинските власти инсистираат на тоа дека Арафат е отруен од Израел. Израелските власти ги негираат таквите обвинувања. Сепак, остатоците од смртоносна радиоактивна супстанца – полониум, во биолошките траги на облеката на Арафат, кои беа пронајдени на почетокот од годинава, предизвикаа покренување на нова истрага.

Jassir Arafat 2004
Сомневањата за труење на Арафат се зголемија, откако на почетокот од годинава беше откриен полониум на неговата облекаФотографија: picture-alliance/dpa