1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензии меѓу Србите и Албанците

Александар Методијев/бета/миа28 јуни 2012

Најмалку 20 лица се повредени во судир меѓу група Срби и припадници на косовската полиција на преминот Мердаре на границата меѓу Србија и Косово, јави Танјуг. Утрината е пукано и во Бујановац.

https://p.dw.com/p/15NQw
Фотографија: Reuters

Според српското министерство за внатрешни работи информираше дека група од 54 Срби изутринава се упатиле на одбележување на празникот Видовден на Газиместан. Косовската полиција ја запрела групата во Вучитрн и побарала од нив да се вратат назад во Србија преку преминот Мердаре, каде и дошло до судирите. Лицата биле во два автобуси.

Во судирите, според српски извори, косовската полиција користела солзавец, гумени куршуми, но и боева муниција. Според извори во Здарвствениот дом во Куршимлија, еден од повредените има „тешки рани опасни по животот“ и е пренесен во Клиничкиот центар во Ниш. Истите извори тврдат дека во нивната медицинска установа им била укажана помош на 20 повредени лица, кои имале „рани од огнено оружје“. Едно лице рането со огнено оружје во пределот на ’рбетот е префрлено во болницата во Ниш, каде ќе му биде извршена комплицирана операција.

Косовскиот министер за внатрешни работи Бајрам Реџепи го потврди инцидентот, изјавувајќи дека полицијата вратила припадници на навивачката група Делии, кои, како што рече, „се познати националисти“. Агенцијата Бета информираше дека меѓу лицата имало и навивачи на Партизан од Србија. Приштинските медиуми јавија дека косовските полицајци биле нападнати со камења.

Grenze Kosovo Serbien
Инцидентот се случил на преминот МердареФотографија: picture-alliance/dpa

„При инцидентот се повредени неколку полицајци. Главно се работи за повреди од удари од камења“, рече Реџепи, тврдејќи дека откако биле вратени, припадниците на групата почнале да ги каменуваат полицајците. Реџепи изјави дека при инцидентот „се слушнале и истрели од огнено оружје“, но, според него, тие доаѓале од правец на Србија.

Денеска е регистриран уште еден инцидент меѓу Косово и Србија. Повеќе напаѓачи утрово околу 4:20 пукале со пешадиско оружје кон пункт на мултиетничката полиција кај селото Добросин во општината Бујановац. Еден полицаец е полесно повреден, информираше портпаролот на полициската управа во Врање Драган Стаменковиќ. Тој рече дека нападот кој траел три до пет минути е извршен од правец на административната линија со Косово, од која полицискиот пункт е оддалечен стотина метри. Тогаш на пунктот бил редовниот состав на мултиетничката полиција, составен од српски и албански полицајци.