1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терор, десетици загинати и хаос во Багдад и Кербала

2 март 2004
https://p.dw.com/p/AcPX
Ирак не може да поживее ни еден мирен ден по некоја убава вест, како вчерашната за постигнатиот договор околу привремениот устав на земјата, што го отвора патот кон враќањето на суверенитетот на земјата во рацете на Ирачаните на 1-ви јули годинава. Денеска серија експлозии во Багдад и Кербала и десетици жртви, чиј број постојано расте.
Во северозападниот дел на Багдад е извршен напад врз мавзолејот на имамот Муса ел Касем, најважно шиитско светилиште во градот. Според изјави на сведоци, ракета експлодирала во средиштето на мавзолејот, кога во него имало стотици аџии. Други сведоци зборуваат за три експлозии, како и за атентатори самоубијци. Бројот на загинатите, според претставници на болниците, изнесува 33, а стотина лица се ранети. Асошиетед прес, повикувајќи се на сведоци, известува за 20 загинати, а најновата информација на Ројтерс зборува за 75 жртви.
Во Багдад денеска загина еден американски војник и најмалку уште еден е ранет кога била фрлена бомба од некој мост врз конвој воени возила што минувал под него. Во централноирачкиот град Кербала речиси истовремено се случија најмалку пет експлозии и загинаа 30-ина, или според некои други извори 50 лица. Сега е токму кулминација на празникот Ашура, со кој се потсетува на смртта на имамот Хусеин, внук на пророкот Мохамед. По соборувањето на режимот на Садам Хусеин годинава за прв пат празникот може повторно слободно да се одбележува и во Кербала дојдоа околу еден милион шиитски аџии. Бомбите, според дописникот на агенцијата Франс-прес, експлодирале во непосредна близина на мавзолеите на Хусеин и неговиот полубрат Абас, најважни шиитски светилишта на кои верниците одат на аџилак. По експлозиите, според описите на репортерите, настанала паника, насекаде во градот владеел хаос, луѓето се обидувале да помогнат во акцијата на спасителите.