1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка битка против успешната солистка

Фолкер Вагенер/Б. Георгиевски11 септември 2013

Теоретски на изборите на 22 септември сѐ е можно. Ангела Меркел е јасен фаворит за канцелар. Во исто време, социјалдемократот Пер Штајнбрик се бори со сите сили за да ја освои канцеларската функција.

https://p.dw.com/p/19fsX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Противникот се бори. Тој е всушност вистинскиот човек, во вистинско време: Пер Штајнбрик е финансиски експерт и добро го познава државниот буџет. Во големата коалиција беше министер за финансии на Ангела Меркел. Сега сака да ја наследи поранешната шефица, и да стане канцелар. Но битката изгледа нерамноправна. Штајнбрик се обидува да победи во загубена битка, или барем така се чини. Во анкетите изгледа лошо во однос на канцеларката, и тоа уште од самата кандидатура. За тоа постојат полно причини. Меркел е на врвот на својата моќ, ја држи цврсто под контрола својата партија, а во управувањето со еврото и со должничката криза доминира и во Брисел.

Мнозинството Германци поради тоа ја почитуваат и ѝ се восхитуваат.

Како опозиција, Штајнбрик и СПД можат да сторат многу малку.

„Во СПД потсетуваат на лошите нешта“, објаснува експертот за комуникации Кристоф Мос. Сепак, тоа за потенцијалните гласачи е премалку, смета тој. Гласачите повеќе би сакале да знаат што планираат да сторат Штајнбрик и неговата партија.

Deutschlandfest SPD 150. Geburtstag Peer Steinbrück
Пер Штајнбрик на предизборен митингФотографија: Getty Images

Казни од минатото

Притоа Штајнбрик и неговата партија имаат нешто да им понудат на граѓаните. Но, тоа е непопуларно. Пакетот реформи на Герхард Шредер, канцеларот од СПД пред Ангела Меркел. „Планот 2010“, експертите го сметаат за темел на денешната германска сила во период на меѓународна должничка криза. Токму тој план на Шредер ја ничкоса идејата за социјална држава, и покрај противењето од неговата партија. Социјалната помош стана недостапна, помошта за невработените- премала, заминувањето во пензија- одложено, накусо- државата се ослободи од бројни трошоци. Голем број членови на СПД поради тоа ја напуштија партијата, или на денот на изборите останаа дома.

Денес, СПД се смета за виновникот за ваквиот развој, вели Едгар Волфрум, историчар на Универзитетот во Хајделберг кој ја проучува ерата на Шредер. „Проблемот е во тоа што СПД самиот се оддалечи од своите формални партиски успеси“. Волфрум тоа го нарекува „делегитимација на политиката која беше водена од 1998. до 2005. година“.

Пер Штајнбрик беше и остана заговорник на реформа на социјалната помош. Парадоксално, граѓанските партии добија поголема поддршка од СПД. Ангела Меркел денес профитира од тоа што СПД ја зајакна државата во време на криза.

Постојат разлики и во изборните програми. СПД се залага за минималец од 8,5 евра, а партиите на Унијата се против. Страните во преговорите треба самите, без законски ограничувања, да ги одредат минималните плати, велат од владејачките партии на десниот центар.

Cloppenburg Wahlkampf CDU Merkel
Меркел профитира од реформите што ги спроведе СПДФотографија: picture-alliance/dpa

Што се однесува до даноците, СПД се залага за тоа богатите да плаќаат повисоки даноци. Унијата пак сака да го намали државниот долг, а во истовреме да не дојде до зголемување на данокот. Целите на двете најголеми политички партии се разликуваат, но во суштина, политичкиот центар доминира во програмите.

Меркел е програма самата за себе

Канцеларката својата изборна програма ја нарекува „Умереност и средина“ и тврди дека „дополнителни оптоварувања за граѓаните и стопанството кај неа нема да има“.

Имајќи предвид дека речиси сите партии се борат за гласовите на неопределените, тоа и штети на различноста, вели советникот за односи со јавност, Волфганг Раике.

„Денес веќе нема спротивставени ставови. Минаа деновите кога се работеше за 'слобода наместо социјализам' (изборен слоган на Синдикатот во 1976). Дури и расправата за нуклеарната енергија уште од Фукушима повеќе не е контроверзна тема“.

Bildergalerie Politiker Gestik Angela Merkel
Карактеристична позиција на рацете на МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

На Ангела Меркел тоа и‘ одговара. Канцеларката не освојува со функцијата, туку со своите ставови. Малку зборува и ретко изненадува, ги контролира своите емоции и негува умереност со типичната позиција на нејзините раце: рацете ги држави во позиција на ромб, при што палците и показалците на двете раце и‘ се споени.

„Прилично е нормална“, вели историчарот Волфрум за карактеристиките на канцеларката која се подготвува за својот трет мандат. „Таа не се истакнува премногу и тоа е добро. На тој начин секој може да се поистовети со неа. Тоа е нејзиниот рецепт за успех. Таа е програма сама за себе“, дополнува тој.