1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка и возбудлива група за Германија

С.Недевски/емф/дпа/сид7 декември 2013

Германската репрезентација доби силни противници во групата Г на жрепката за составот на групите на претстојното Светско првенство во фудбал во Бразил, е едногласната оценка на фудбалската јавност во земјата.

https://p.dw.com/p/1AUfi
Фотографија: AFP/Getty Images

Германската фудбалска селекција како носител на групата ќе го отвори својот настап на Мундијалот во Бразил во 2014-та година со натпреварот против Португалија, предводена од Кристијано Роналдо на 16 јуни во Салвадор. На 21 јуни, на стадионот во Форталеза, избраниците на селекторот Јоахим Лев ги очекува мечот со репрезентацијата на Гана. Во последниот натпревар во групата Г, Германија како носител и се разбира главен фаворит, на 26 јуни во Рецифе ќе се сретне со селекцијата на САД.

Овој меч ќе биде посебно возбудлив поради тоа што ќе значи среќавање на Јоахим Лев со неговиот добар пријател Јирген Клинсман, кој ја предводи американската репрезентација. Имено Лев му беше помошник на Клинсман која тој ја водеше германската селекција на првенството во 2006. година на домашен терен.

Jürgen Klinsmann und Joachim Löw bei der WM-Auslosung
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Клинсман и Лев вечерта пред извлекувањето биле и на заедничка вечера. По жрепката во бразилското летувалиште Кошта до Сиупе, Лев изјави: „Одамна имаме многу добар и близок однос. Досега секогаш редовно разменувавме мислења. Тоа сигурно ќе се промени пред натпреварот на Мундијалот“.

Но не само дуелот меѓу Лев и Клинсман има возбудлива предисторија. Имено, средбата со Гана ќе значи повторно видување на теренот како противници на полубраќата - германскиот репрезетативец Џером и репрезентативецот на Гана, Кевин Принц Боатенг. На дуелот со Португалија пак, како што изјави, се радува Месут Озил. Тоа ќе значи негово повторно видување со доскорешните соиграчи во Реал Мадрид - Роналдо, Коентрао и Пепе. Германската фудбалска јавност веќе говори дека ова ќе биде „најжешко“ СП за селекторот Јоахим Лев досега. И тоа не само поради силната група, туку и поради високите температури кои владеат во јуни во североистиочниот дел на Бразил каде што Германија ќе ги игра натпреварите во групата Г.

Brasilien Fussball WM 2014 Gruppen-Auslosung
Фотографија: AFP/Getty Images

Инаку жрепката одреди домаќинот Бразил на отворањето на СП на 12 јуни во Сао Паоло да игра против Хрватска. Финалето на Мундијалот ќе се игра на 13 јули во Рио де Женеиро.

Составот на групите за СП 2014 е следен:

А група: Бразил, Хрватска, Мексико и Камерун

Б група: Шпанија, Холандија, Чиле и Австралија

Ц група: Колумбија, Грција, Брегот на Слоновата коска и Јапонија

Д група: Уругвај, Костарика, Англија и Италија

Е група: Швајцарија, Еквадор, Франција и Хондурас

Ф група: Аргентина, Босна и Херцеговина, Иран и Нигерија

Г група: Германија, Португалија, Гана и САД

Х група: Белгија, Алжир, Русија и Јужна Кореја