1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка потрага по наследникот на Вулф

19 февруари 2012

Изборот на можни кандидати за функцијата претседател се намалува-претседателот на парламентот, Ламерт и шефот на Уставниот суд, Фоскуле, откажаа. Социјалдемократите и Партијата на зелените бараат отворени разговори.

https://p.dw.com/p/145Yj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Имињата на Норберт Ламерт и Волфганг Хубер, поранешен претседател на Советот на Евангелистичката црква во Германија, беа најчесто споменувани во вчерашните разговори на коалиционите партнери во владата. Претходно откажа претседателот на Уставниот суд, Андреас Фоскуле, а кратко потоа отпадна од „игра“ и името на Ламерт. Не доаѓа во предвид, као што се дознава, ниту актуелниот министер за одбрана, Томас де Мезие. Фаворитот на Социјалдемократската партија и противкандидатот на досегашниот претседател Кристијан Вулф во последната изборна трка, Јоахим Гаук, 72-годишен активист за човекови права од поранешната Германска Демократска Република, се држи воздржано.

СПД и Зелените демонстрираат заедничка решителност

Опозиционите партии, СПД и Зелените, кои канцеларката Ангела Меркел ги покани на разговори околу изборот на наследник на досегашниот шеф на државата Кристијан Вулф, вчера демонстрираа заедничка решителност. Лидерите на двете партии Зигмар Габриел и Чем Ездемир, како и претседателите на пратеничките групи, Франк Валтер Штајнмаер и Ренате Кинаст,  настапија заедно на прес конференција . Нивната порака до канцеларката-треба да се водат отворени разговори, Габриел освен тоа не би сакал во дворецот Белви да види ниеден активен член на владиниот кабинет или активен партиски политичар.

SPD und Grüne haben auf der gemeinsamen Pressekonferenz ihre Kriterien für einen Bundespräsidenten-Kandidaten genannt
Лидерите на опозицијатаФотографија: Reuters

Можеби сепак претседателка?

Ренате Кинаст ја истакна и можноста на функцијата претседател да дојде жена, иако не спомена име. Сепак, името на политичарката на Зелените, Катрин Геринг-Екард, се појавува како можност во некои кругови.

Зигмар Габриел не го исклучи Јоахим Гаук како можен кандидат. Во 2010-та година, во третиот круг од гласањето на Сојузниот собир за избор на претседател Христијанско-демократската, Христијанско-социјалната унија и Либералите успеаја да го истиснат Гаук и да го изгласаат својот кандидат, Кристијан Вулф.

ARCHIV - Dunkle Wolken ziehen am 01.06.2010 über das Schloss Bellevue in Berlin hinweg. Die Staatsanwaltschaft Hannover hat die Aufhebung der Immunität von Bundespräsident Wulff beantragt. Foto: Wolfgang Kumm dpa/lbn +++(c) dpa - Bildfunk+++
Претседателскиот замок Белви во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

За канцеларката Ангела Меркел токму поради ова потрагата по иден германски претседател е тешка-по оставките на Вулф и на Хорст Келер претходно, ова ќе биде нејзин трет избор за функцијата. Во игра е повт0орно и одржливоста на единството на владината коалиција.

Зехофер: На добар пат сме

Баварскиот покраински премиер Хорст Зехофер, шеф на Христијанско-социјалната унија, кој како актуелен претседател на Бундесратот привремено ги презеде должностите на сојузниот претседател, е оптимист за скоро наоѓање решение за наследник на Вулф. Консултациите продолжуваат и денеска во коалициските кругови. Шефот на СПД Зигмар Габриел се закани со истакнување заеднички кандидат на Социјалдемократите и Зелените доколку Меркел и црно-жолтата коалиција не поведат „сериозни разговори“ со опозицијата околу кандидат за функцијата претседател.

Кристијан Вулф во петокот по само 20 месеци на должност поднесе оставка. 52-годишниот со тоа повлече консеквенци по аферите со блиските врски со бизнисмени. Тој е осомничен за примање подароци и услуги додека бил на функцијата премиер на покраината Долна Саксонија, но и подоцна. Државниот обвинител од Хановер во меѓувреме официјално започна истрага против Вулф, чиј имунитет заврши со неговото повлекување од функцијата.

Автор: ЖА/СН/дпа/ртре/афп

Редактор: Симе Недевски