1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешка рунда во Женева

27 јули 2004

Во сенката на спорот за аграрните субвенции тешки повеќе милијарди, во Женева започна кризната средба на 147-те земји-членки на Светската трговска организација за спасување на преговорите за либерализација.

https://p.dw.com/p/AeQc

До крајот на неделава, делегациите треба да усвојат возен ред за натамошно отворање на глобалните пазари. Договорот треба да биде основа за нов договор за светската трговија со што би им се помогнало на најсиромашните земји. Фронтовите во никој случај не се приближени и најголемиот јаз се уште се наоѓа на линијата на Екваторот меѓу богатиот север и сиромашниот југ. Земјите во развој три години старите ветувања сега сериозно ги презедоа, зашто токму тие треба најмногу да профитираат до колку се постигне договор за послободна и поправедна трговија во светот. Затоа бараат пред се индустриските земји нивните земјоделски производи да не ги поефтинуваат на вештачки начин. Тоа е нивниот услов за компромис и за тоа на своја страна го имаат и генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан:

"Аграрните субвенции ја искривоколчуваат моќта на пазарот. И наштетуваат на човековата околина, го блокираат извозот на сиромашните земји и на тој начин ги намалуваат приходите кои би можеле да ги направат независни од странска помош. Затоа аграрните субвенции мораат да бидат укинати“.

Духот на оваа порака и сега во Женева би требало да им даде елан на претставниците од третиот свет. Но, тоа не значи и добри изгледи за успех во овие преговори, зашто токму на оваа тема пропадна самитот на Светската трговска организација лани во Канкун. Постојат различни интереси кај развиените кои можат повторно да постават сопка. Европската унија на пример, е согласна со укинување на земјоделските субвенции ако се согласат и САД, но во моментов не изгледа така. Освен тоа, скоро сите индустриски земји за возврат бараат поголем пристап на пазарите на земјите во развој, на пример, за услужните дејности. Поради сето ова СТО подготви компромисен документ во кој се бара: сите форми на извозни субвенции да бидат укинати до определен разумен датум. Но, и ваквата урамнотежена формулација веќе наиде на критики. Оттаму за крајот на оваа преговарачка рунда најмногу може да се очекува рамковен договор за компромисната формула. Ако пропадне и тај минимален заеднички именител, тогаш ќе мора да се чека подолго до следната. По промените во Европската комисија и по изборите во САД новите одговорни за трговија ќе треба да размислуваат како место глобално, проблемот да се решава билатерално или на регионално ниво. Најсиромашните меѓу сиромашните тогаш сигурно ќе бидат последните што ќе бидат прашани.