1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки времиња за германската автомобилска индустрија

Дојче Веле4 декември 2008

Во втората половина од годинава значително опаѓаат пласманот, извозот и производството. Во наредната не се очекува ништо подобро - се предвидува пласманот да биде најнизок за последните две децении.

https://p.dw.com/p/G8ig
И Опел е погоден од кризатаФотографија: picture-alliance/ dpa

„Од летоска практично истовремено на сите светски пазари бележиме голем пад на пласманот на патнички автомобили како последица на финансиската криза. Годинава не ќе можеме да го достигнеме минатогодишното рекордно производство, а изгледите за наредната се значително влошени“, укажа претседателот на Здружението на германската автомобилска индустрија Матијас Висман.

Според прогнозите, наредната година во Германија ќе бидат продадени најмногу 2,9 милиона патнички возила. Во ноември извозот доживеа пад од 18 проценти во однос на истиот месец лани, а падот на домашниот пазар изнесува дури 28 проценти. Посебно тешко оди продажбата на возила со голема зафатнина на моторот. Германците во овој период купуваат главно мали автомобили.

Bildgalerie Automesse Detroit Smart Cabriolet
Се’ повеќе се бараат мали автомобили.Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Се’ зависи од тоа, да се врати довербата на пазарите и од политиката да дојдат вистинските импулси“, вели Висман. Тој смета дека е на место ослободувањето од данок за една, односно две години, за новонабавени возила што ги исполнуваат нормите еуро 4 и еуро 5 и се залага ослободувањето да биде подолготрајно.

Засегнати се и други фирми

Кризата на автомобилската индустрија истовремено е криза и на нејзините лиферанти. Многу од нив веќе сега имаат проблеми со кредитирањето, па Висман побара од банките да помогнат во преоден период со кредити со поволни камати.

Загрозувањето на работните места е директна последица на кризата. Од летото наваму кај производителите и лиферантите веќе најмалку 1800 луѓе останаа без работа. Во моментов никој не знае колку работни места ќе бидат укинати во натамошниот тек на кризата. Претседателот на Здружението на германската автомобилска индустрија Матијас Висман нагласи:

„Без дилеми, ситуацијата на пазарот на работна сила ќе биде уште потешка. Ние сакаме по кризата да бидеме посилни отколку порано - и пред се’, да бидеме посилни од нашите конкуренти. Ситуацијата со вработувањето зависи од времетраењето на кризата“.