1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки преговори за европскиот чадор за спас

АТ/ БГ/ ртр/ дпа/ дапд/ афп30 март 2012

Министрите за финансии на Еврогрупата денеска во Копенхаген треба да усвојат зголемување на кредитниот волумен за европскиот чадор за спас. Германија и Франција не можат да се усогласат

https://p.dw.com/p/14V3X
Фотографија: Reuters

На средбата во Копенхаген, европските министри за финансии треба да усвојат одлука со колку милијарди во иднина ќе располага европскиот чадор за спас, со кој треба да им се пружи поддршка на земјите во монетарната унија, кои се во криза.

Особено Германија се противеше на проширување на првично договорениот волумен од 500 милијарди евра. Во меѓувреме ситуацијата малку се промени. Германската влада е подготвена, предвидениот волумен за долгорочниот механизам за спас да го комбинира со веќе постоечките програми, подвлече синоќа германскиот министер за финансии Шојбле на подиумска дискусија во Копенхаген.

Истовремено Шојбле се изјасни против зголемување на финансискиот фонд на вкупно 940 милијарди евра, особено по 2013. „Да се даваат се’ повеќе пари, не е решение“, рече Шојбле. Погрешно е дебатата за должничката криза да се редуцира само на висината на т.н. „ѕид против ширење на пожарот“, наместо да се дискутира за борбата против причините за кризата. Шојбле оцени дека вкупниот волумен за помошта, за која треба да се спогодат министрите за финансии треба да изнесува околу 800 милијарди евра. Спасувачкиот фонд ЕСМ располага со преку 500 милијарди евра свеж капитал. Заедно со веќе усвоените програми за Грција, Ирска и Португалија вкупниот волумен би достигнал околу 800 милијарди евра. Притоа Шојбле ги пресмета и средствата за првиот пакет за Грција, кој беше усвоен пред да биде формиран спасувачкиот фонд ЕФСФ во 2010 година.

Brüssel Treffen Finanzminister
Волфганг ШојблеФотографија: AP

Франција бара повеќе

Нацрт предлогот предвидува горната граница на досегашните 500 милијарди евра за двата чадори - ЕФСФ кој истекува кон средината на 2013 и постојаниот механизам ЕСМ кој стапува на сила на средината на оваа година да се подигне на 700 милијарди. Доколку кризата натамошно се продлабочува, границата „во вонредни околности“ би можела да се подигне на 940 милијарди, и да се усвојат нови стотици милијарди тешки програми за спас.

Frankreich Finanzminister Francois Baroin Davos WEF wwf schweiz
Франсоа БароанФотографија: dapd

Франција, пред денешната средба на министрите за финансии побара дури покачување на еден билион евра. „Тоа е позицијата, која јас ја бранам во името на Франција“, изјави министерот за финансии Франсоа Барион во телевизиско интервју. Конечно целта на заштитниот чадор може да се спореди со атомска бомба: „Тој се создава за никогаш да не се употреби - тоа се нарекува заплашување“. Колку повисок би бил заштитниот чадор, толку повеќе би се намалил ризикот од напади на шпекулантите врз слабите земји, смета министерот. Исто така и Организацијата за економска соработка и развој ОЕЦД се заложи за проширување на помошта на еден билион евра.

Со оглед на тоа што владите во Париз и Берлин имаат спротивставени ставови по ова прашање, наспроти усогласените ставови кои беа честа слика во последно време, дипломатите очекуваат тешки преговори во Копенхаген.