1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешко оди намалувањето на сиромаштијата

17 октомври 2009

Во Њујорк почна Акциониот викенд против сиромаштијата. Но, ретко кој верува дека ќе се постигне целта - нејзино преполовување до 2015 година.

https://p.dw.com/p/K8yC
Фотографија: dpa

Оној кој на располагање има помалку од 1,25 долари дневно, живее во екстремна сиромаштија. Оваа граница ја дефинираа ОН. Добрата вест: процентуално, под оваа граница сега живеат околу 0,6 луѓе помалку во однос на минатата година, според податоците на институтот „Ворлдвоч“ во Вашингтон. Лошата вест: човек не треба да биде математичар за да констатира дека не сме се избориле сериозно против гладот. „Знаеме дека милениумските цели нема да бидат достигнати, барем не онаа за преполовување на гладот“, признава и претседателката на германската организација за помош за гладните, Бербел Дикман.

Она што меѓународната заедница го вети во 2000 година беше со добра намера, но не го исполни. Преполовување на сиромаштијата, намалување на стапката на смртност на родилките и децата, образование за сите деца. Постојат охрабрувачки примери, но целокупната слика е сива. Сиромаштијата требаше да се победи преку развојна помош, зголемување на извозот и паричните дознаки на мигрантите во татковините. Но, овие пари станаа жртва на глобалната економска криза. Меѓународната хуманитарна организација „Оксфам“ проценува дека поради финансиската криза секоја минута под границата на сиромаштија стигнуваат дополнителни 100 луѓе.

Неостварувањето на милениумските цели ќе биде светски проблем

Bildgalerie Ursachen von Armut: Patente/Hunger
Најпогодени се земјоделцитеФотографија: picture alliance/dpa

Сиромаштијата главно ја има меѓу земјоделците, 70 проценти од екстремно сиромашните се селани и земјоделски работници без своја земја. Нивната беда се зголемува и поради промената на климата. Жетвите ги уништуваат како долготрајните суши, така и поплавите, а кон тоа доаѓаат растечките цени на ѓубривата и семенскиот материјал, како и на храната. Тоа не е само регионален проблем на земјите во развој, потенцира Бербел Дикман: „Ако навистина не ни успее да ги направиме чекор напред кон остварување на милениумските цели, да им обезбедиме на луѓето пристап до образование, храна, вода, здравствена заштита, тоа ќе стане проблем за цел свет.“

Тоа го покажа и глобалната економска криза, ниту една земја не може да се справи самата, туку е зависна од другите.

И американскиот економист Џефри Сакс се сложува: богатите земји, ако не од етички причини, тогаш од лична корист треба да опстојуваат на милениумските цели: „Ги постигнавме организаторските, глобалните рамки, сега требада ги примениме. Нашите политички лидери мораат едноставно да кажат: сакаме и ќе ги одржиме своите ветувања“, вели Сакс.

А остварување на милениумските цели е можно со одделување на 0,7 проценти од брутодомашниот производ во светски рамки, што не е многу ни во услови на криза.

Автор: Хеле Јепесен / Жана Ацеска

Редактор: Трјаче Тосев