1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тивкиот влакнест убиец

3 јануари 2011

До пред десет години и Македонија беше дел од „азбестната треска“. Додека не се откри дека е канцероген, азбестот имаше широка примена во градежништвото. Тој не се употребува и веќе се заменува од старите градби.

https://p.dw.com/p/Qlt5
Мора да се гради без азбестФотографија: DW

Азбестот е реликт од едно друго време, кога Македонија беше во градежна експанзија и поради комерцијалните својства се сметаше за градежен материјал број еден. Статистиката вели дека во Македонија бројот на заболени од рак на белите дробови константно расте. Азбестните влакна се сметаат како еден од причинителите за ова болест. Од април 2009 година во примена е Правилник за заштита при ракување со азбест, вели Соња Липиткова, заменик министер за заштита на животна средина :

„Се одлучивме за депонијата Дризла. Таму имаме посебна локација, опремена со посебни комори, фолии со кои ќе биде завиткан материјалот од азбест и препокриен со земја. Овој материјал не е штетен за почвата, туку најштетно влијание има ако во воздухот се појават иглички азбест.“

Азбестот го има и во водоводните инсталации

Во Македонија од азбест се најчесто покривите на градинките, училиштата и болниците. Цели населби во пост-земјотресно Скопје содржат азбест. Методија Саздов од Македонскиот зелен центар, додава:

Skopje, die Hauptstadt Mazedoniens
До 2002 година постоеше посебен државен фонд од кој на граѓаните кои ќе пристапеа кон отстранување на азбестот од своите објекти им се даваше одредена финансиска помошФотографија: DW

„Азбестот го има и во некои стари водоводни системи. Старите цевки што не се заменети содржат азбест.“

Македонскиот зелен центар ја има улогата на едукатор, додава Саздов:

„Како граѓанска организација не можеме да ги замениме цевките од азбест и покривите. Може да зборуваме пред граѓаните , самите да се запознаат како азбестот влијае врз здравјето на луѓето. Потоа, заеднички да реагираме кај институциите и општините да го премостиме најтешкиот чекор - финансирањето.“

Азбестозата како болест прогресира и до три децении

Заменик министерот Липиткова е експерт во оваа област. Објаснува како азбестот може да се најде во човековото тело и зошто државата се определи како приоритет да го исфрли азбестот од јавните институции :

„Азбестозата, болеста што ја предизвикува влакното на азбестот, ако дојде во контакт со белите дробови во некоја алвеола, може да има прогресивно дејство 20 до 30 години. Од тие причини во одредени јавни институции направивме проверки, дури и во одредени владини институции. Во некои кадешто се стравуваше дека го има азбестот, се констатира дека се работи за друг материјал. Но, во болниците и училиштата се пристапи кон отстранување на азбестот. Во индивидуалните куќи, сепак, одговорноста паѓа на самиот сопственик.“

Bau eines neuen Hauses für die Opfer des Konflikts in Kirgistan
До 2016 година се планира тотално искоренување на азбестот од градбите во МакедонијаФотографија: DW

На политичарите замената на азбестот не им е приоритет

На политичките елити од сите бои, процесот на замена на азбестот не им одговара за собирање поени, вели Саздов:

„Тие сакаат да се инвестира во нешто што ќе е видливо за народот, за да ја правдааат инвестицијата. Во овој случај, покрив имало и пак ќе има. Сепак, треба да се премине на моралната страна, дека според уставот имаме право на здрава и чиста животна средина. Државата е таа што треба да ни‘ го овозможи тоа по која било цена.“

До 2002 година постоеше посебен државен фонд од кој на граѓаните кои ќе пристапеа кон отстранување на азбестот од своите објекти им се даваше одредена финансиска помош. Но, тоа сега секна, признава Липиткова и апелира на личната одговорност.

Според законите кои имаат предзнак на Европската унија, производството и градбата со азбест е забранета, а до 2016 година се планира негово тотално искоренување од Македонија.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска