1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тимошенко испратена во притвор со лисици на рацете

5 август 2011

Поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко беше уапсена за време на денешното судско рочиште на кое таа е обвинета за злоупотреба на службената должност.

https://p.dw.com/p/12Bu9
Тимошенко пред судот во КиевФотографија: dapd

Суд во Киев и` одреди мерка притвор на поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко, за време на денешното рочиште на кое таа одговара по обвинувањата за злоупотреба на функцијата.

Судијата Родион Кирејев го прифати барањето на обвинителството за апсење на Тимишенко поради нејзиното постојано нарушување на судската одлука. Судот претходно го одбиваше барањето за одредување притвор на Тимошенко, но и нареди дека не смее да го напушта Киев.

Веднаш по одлуката на судијата, надвор од судницата на Тимошенко и` беа ставени лисици на рацете и беше одведена во келија. Според дописникот на АФП од судењето, Тимошенко барала од полицајците да не ја покажуваат во јавност со лисици на рацете.

Дајте и револвер на обвинителката!

Обвинителството ја критикуваше Тимошенко дека си поигрувала со судењето и ги навредувала сведоците, притоа постојано коментирајќи ја постапката преку Твитер мрежата.

Обвинителката Лилиа Фролова денеска по вторпат побара притвор за Тимошенко, на што поранешната премиерка коментираше:

„Ајде да минеме на барањето за егзекуција. Дајте и` револвер на обвинителката“.

Официјалното образложение за притворот се „постојани нарушувања на постапката и на испитувањето на сведоците.“ Судијата не го наведе времетраењето на притворот, а следното рочиште го закажа за в понеделник.

По драматичната одлука на судијата дојде до кошкање во судницата. Нејзините поддржувачи извикуваа „срамота“, а повеќемина пратеници од нејзината партија се судрија со полицијата.

Ukraine Russland Timoschenko Putin Moskau
Спорниот договор за испорака на руски гас, Тимошенко го потпиша со рускиот премиер Владимир ПутинФотографија: picture-alliance/dpa

Тимошенко е обвинета дека предизвикала штета од 190 милиони евра на државата со договорот за снабдување со гас од Русија во 2009 година. Доколку биде прогласена за виновна се соочува со затворска казна од 7 до 10 години. Но дури и да избегне затвор, било каква пресуда која ќе ги потврди наводите на обвинителството ќе ја дисквалификува Тимошенко од учество на парламентарните избори следната година.

Таа ги негира обвинувањата и тврди дека е жртва на политичка одмазда на претседателот на државата Виктор Јанукович, од кого загуби на претседателските избори минатата година.

Автор: БГ/афп

Редактор: Александра Трајковска