1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Титаник ќе плови повторно

ЕМФ/дв27 февруари 2013

Повеќе од сто години по потонувањето, легендарниот луксузен брод повторно воскреснува - ќе се гради нов брод, сосема ист како потонатиот.

https://p.dw.com/p/17mQ9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Австралискиот милионер Клајв Палмер ќе си го исполни сонот. „Титаник беше брод на соништата, Титаник 2 е брод со кој соништата стануваат стварност“, изјави тој пред новинарите во Њујорк. Градежниот магнат покани голем број гости на гала вечерта на која беше даден знак за старт на проектот. „Овојпат ќе го завршиме патувањето“, уверува Палмер.

Градба во Кина

Бродот долг околу 270 метри, со место за околу 2500 патници, нема да биде граден во Белфаст како претходникот, туку во Кина. Се вели дека за првото патување на Титаник 2 веќе има 40.000 заинтересирани. За новиот брод, кој треба да тргне на своето прво патување во 2016 година, да не потоне движејќи се по оригиналната рута од британски Саутхемптон до Њујрок, тој ќе биде опремен со најнова навигациона техника. „Ќе биде најбезбедниот брод на светот“, го повтори шеф-дизајнерот Марку Канерва ветувањето, што инаку во слична форма беше дадено и пред повеќе од сто години.

„Се‘ може да потоне ако има голема дупка, но голема предност на затоплувањето на климата е што во Атлантикот нема веќе толку многу ледени брегови“, нагласи Палмер. Освен тоа, за разлика од 15 април 1912 година, на бродот треба да има доволно чамци за спасување.

Титаник потона на своето прво патување при судар со леден брег. Во несреќата загинаа повеќе од 1500 луѓе.