1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ти зборувам Белграде, сети се Скопје

Катерина Блажевска24 април 2013

Кај стручната јавност во Македонија нема оптимизам дека договорот Приштина-Белград ќе ги „зарази“ Скопје и Атина да го решат спорот за името по истиот рецепт

https://p.dw.com/p/18Li0
Фотографија: DW

Дали договорот Белград-Приштина, кој ја става Србија на брзи шини кон Брисел и на Косово му ги отвора вратите на патот кон евроинтеграција, ќе биде позитивен импулс и порака за целиот регион, особено за Македонија? Нема унифициран одговор на ова прашање. Сите се согласуваат дека договорот е историски, дека се намалуваат безбедносните закани за Македонија, но не веруваат дека тој ќе ги „зарази" Скопје и Атина да го решат спорот за името по истиот рецепт. Според дипломатски извори, токму овој договор може да биде „спектакуларен поттик" за Македонија, која е заглавена во спор, за кој никој во земјата не верува дека ќе биде решен.

„Договорот Белград-Приштина ќе има позитивно влијание врз Скопје, бидејќи покажува две работи. Прво, дека и реалните и наводните разлики може да се надминат, односно дека и т.н. идентитетски прашања може да имаат дипломатско решение. Второ, со овој договор, притисокот од разни големо-етнички агенди, кои досега создаваа внатрешни стравови и тензии, целосно ќе изгубат енергија", велат дипломатски извори.

Но, аналитичарите во Македонија се песимисти во однос на ваквите прогнози, и од аспект на волјата на домашните лидери, но и поради „тежината" на билатералниот спор. Абдурахман Алити, поранешен амбасадор и добар познавач на политиките на Балканот, не очекува никаква рефлексија на овој договор во Македонија.

„Договорот уредува односи меѓу Приштина и Белград и нема да има никаков ефект за Македонија. Не верувам дека овој пример ќе биде стимул македонската влада да извлече поука, бидејќи имам впечаток дека таа не е заинтересирана за евроинтеграција. За среќа, на Балканот постои голем интерес за стабилност и тоа влева надеж дека ќе запрат процесите на дезинтеграција", вели Алити.

Пандорина кутија

Аналитичарот и дипломат, Арсим Зеколи, смета дека „клучното прашање кое ќе добива на значење благодарение на овој договор е - зошто тие правила да не важат и за нас?

Abdurahman Aliti Ex-Abgeordneter Mazedonien Parlament Tetovo
Абдурахман АлитиФотографија: DW/S.Toevski

„Зошто Албанците во Македонија, Грците во Албанија, Македонците во Грција, Турците во Бугарија, Бугарите во Србија и Албанците во Прешево да не можат да ги имаат сите салтанати обезбедени за Србите во Северно Косово? Дали баронесата Ештон, целејќи кон еден каков таков успех, по кратковида наивност или намера, всушност ја отвори пандорината кутија на Балканот и ја цементира новата етничка манипулативна карта за влез во уште еден циклус на сеопшти недоверби?", прашува Зеколи.

Тоа прашање во Македонија е затворено со Охридскиот договор, вели универзитетскиот професор, Звонимир Јанкулоски, кој го споделува ставот дека договорот помеѓу Приштина и Белград е историски чекор кон стабилизација на Балканот и решение за односите меѓу Косово и Србија.

„Самиот договор отвора многу правни дилеми во неговата имплементација и временска одржливост, но сепак е значаен исчекор кон стабилизација на регионот, а посебно кон остранување на безбедносните закани кон Република Македонија. Решенијата треба да останат ексклузивен начин на моделирање на односите меѓу заедниците на Косово, но никако не смеат да испровоцираат исти и слични барање на недоминантните етнички заедници во Македонија, со оглед дека ова прашање го затворивме со Охридскиот договор. Барем се надеваме дека го затворивме. Овој договор не може да се става во корелација со спорот за името, бидејќи се работи за дијаметрално спротиставени прашања што се предмет на договарање. Но, и покрај позитивните очекувања од договорот Приштина-Белград, останува горкото чувство дека политиката на 'стап и морков' продолжува во меѓународните односи, а креативноста што ја манифестира овој пат ЕУ во стабилизирање на Балканот - ќе биде моделот по кој ќе се решаваат вакви и слични отворени прашања во Унијата", заклучува Јанкуловски.

Тој сака да верува дека договорот меѓу Приштина и Белград е трајно решение на односите меѓу овие држави, а не капсулиран проблем што може да еруптира во блиска иднина, бидејќи тогаш последиците ќе ги почувствуваат сите.

Позитивни реакции

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, веднаш го поздрави договорот на Косово со Србија, како значаен чекор кој отвора нови перспективи и за целиот регион.
„Ова големо постигнување, покрај признавањето на новата реалност во регионот од страна на Србија, како и добриот почеток за целосно помирување на Балканот на 100 годишнината на Балканските војни, носи уште еден голем поттик за регионот кон евроатлантска интеграција, што ќе овозможи оддржлив мир, стабилност и економски развој за сите граѓани", порача лидерот на ДУИ.

Irland Labour Eamon Gilmore
Емон ГилморФотографија: picture alliance/empics/Niall Carson/PA

На состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата во Луксембург, ирскиот претседавач Емон Гилмор, рече дека „тоа е историски ден за Србија, за Косово и за цела Европа", оддавајќи им признание за политичка храброст на двете држави.

Џонатан Мур, директорот на Канцеларијата за Југоисточна Европа на Стејт Департментот, за косовската телевизија изјави дека „луѓето на северот на Косово, но и секаде во Србија и во Косово ќе ги почувствуваат вредностите на овој договор". Според грчкиот министер за надворешни работи, Димитрис Аврамопулос, српско-косовскиот договор потврдува дека лидерите на двете земји сакаат европска перспектива, која Грција цврсто ја поддржува. Тој додаде дека балканските конфликти не треба вечно да траат, ниту да бидат внесени нерешени во ЕУ, алудирајќи посредно на спорот за името.