1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тодоровски: Македонскиот идентитет постоeл и постои

Милчо Јованоски22 октомври 2013

Бугарите и Србите, и кога го окупирале, не успеале да го асимилираат македонскиот народ, вели за ДВ директорот на Државниот архив на РМ, Зоран Тодоровски. Тој реагира на изјавите на бугарскиот европратеник Ковачев.

https://p.dw.com/p/1A3rk
Фотографија: MIA

Одбележувањето на 100-годишнината од Охридско-дебарското востание и натаму предизвикува полемики. Во одговор на реакцијата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, директорот на Државниот архив на Република Македонија, д-р Зоран Тодоровски, појаснува: „ Воопшто не е точно дека Здружението на албанските историчари во РМ ме поканиле на научниот собир одржан во Струга, тие тоа го организираа скришум од македонската јавност. Бугарскиот културен клуб во Скопје не е соорганизатор на собирот во Струга, туку тој самоинцијативно учествувал на собирот, заедно со неколкумина бугарски историчари, кои исто така не преставуваат официјална бугарска научна институција, со цел да прават политички провокации без учество на домашните македонски историчари, што во суштина е некултурно, недипломатски и тенденциозно.“

Тодоровски уште вели: „Бугарскиот културен клуб ме покани на некаква трибина во Скопје, без да најави кој ќе учествува. Трибината не се одржа и за тоа не бев известен.“ Тој нагласува и дека заменикот-директор на Државниот архив, м-р Керим Лита, не учествувал на собирот во Струга.

Ковачев во интервју за бугарската редакција на ДВ тврди дека македонските историчари и институции биле поканети да учествуваат на научниот форум одржан во Струга, кој, според него, бил организиран од општината, заедно со Бугарскиот културен клуб во Скопје и Здружението на албански историчари во Република Македонија. Ковачев наведува и дека Керим Лита бил учесник на собирот.

Во врска со изјавите на Ковачев дека „бугарската страна не може да го признае апсурдното тврдење на Скопје дека сегашните граѓани на Република Македонија отсекогаш биле 'етнички Mакедонци' и ништо друго“, Тодоровски нагласува: „Воопшто не се точни, ненаучни се и тенденциозни констатациите на европратеникот Ковачев. Нашиот македонски национален идентитет со векови е присутен кај македонското население и со векови се пренесува од генерација на генерација и опстоја и покрај обидите за присвојување и негирање од страна на балканските држави, пред се’ на Бугарија и на Србија, кои во годините на нивната окупаторска власт во Македонија не успеаја да го асимилираат и денационализираат македонскиот народ."

Во однос на темата на форумот во Струга, првиот човек на Државниот архив на Македонија истакнува: „Што се однесува до националниот идентитет на учесниците во востанието, во него учествувале македонски и албански востаници, а најголеми последици од крвавото востание имале македонското и албанското население, кое и денес живее на овие простори. Документите кои пишуваат за востанието, од бугарска и српска провиниенција, македонското население го нарекуваат бугарско, бидејќи тие документи пред се’ се окупаторски документи, не се македонски, бидејќи бугарските државни власти го сметале македонското население како дел на бугарскиот народ, а српските документи го сметале македонското население за Срби, односно јужно србијанци за да го избегнат терминот македонски", вели за ДВ д-р Зоран Тодоровски.