1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Томислав Николиќ претседател на српскиот парламент

8 мај 2007

Српскиот парламент рано изутрината на маратонска седница го изгласа Томислав Николиќ заменик претседател на Српската радикална партија за нов претседател на парламентот. Изборот на Николиќ дополнително го компликува процесот околу изборот на новата влада околу постојат се поголеми разлики. ЕУ е загрижена

https://p.dw.com/p/AbxG
Томислав Николиќ
Томислав НиколиќФотографија: AP

Изборот на Томислав Николиќ го поддржаа 142 пратеници од Српската радикална партија, Демократската партија на Србија на премиерот Воислав Коштуница, како и Социјалистичката и партијата Нова Србија.

Кандидатот на Демократската партија Милена Милошевиќ доби 99 гласови. Веднаш по гласањето седницата ја напуштија пратениците на Демократската партија, Либерално демократската партија и Г17 плус.

Веднаш по изборот Томислав Николиќ изјави дека не претставува опасност за Србија додавајќи дека во парламентот ќе владее демократија. Тој ги повика сите пратеници да присуствуваат на попладневното продолжение на седницата на кое очекува предлози за местото потпретседател.

“ На консултациите прифативме дека парламентот мора да биде конституиран. Демократската партија на Србија и СПС се изјаснија дека ќе гласаат за мене. Ние рековме дека не преземаме никаква обврска но доколку постојат принципи и ако се сака да се реши прашањето за Косово во парламентот и законите за нови избори ние сме подготени“ изјави Николиќ

Високиот преставник на ЕУ Хавиер Солана синоќа во Брисел изјави дека би претставувало голем проблем доколку Николиќ биде избран за претседател на парламентот. Тој изрази жалење заради проблемите околу изборот на новата влада.

" Пред неколку часови разговарав со претседателот Борис Тадиќ и ситуацијата не е добра. Лошите односи меѓу премиерот Коштуница и претседателот Тадиќ се причина за застој во процесот на изборот на новата влада“

Солана нагласи дека Борис Тадиќ е одлучен околу соработката со хашкиот трибунал за што му е потребна контрола врз тајните служби, што е проблем со оглед на фактот што Коштуница ја бара функцијата министер за внатрешни работи. Еврокомесарот за проширување Оли Рен од своја страна нагласи:

“ Ние ќе бидеме подготвени Србија да ја внесеме во ЕУ но за тоа се потребни двајца. Затоа сега се е во рацете на Србија, пред се кај премиерот Коштуница и другите лидери на Србија кои треба да обезбедат висок ниво на соработка и да ги исполнат потребните услови“ нагласи Рен кој укажа на позитивниот пример на Хрватска

“ Ако беше можно Хрватска во целост да соработува со хашкиот трибунал зошто тоа не е можно и за Србија. Ако влегуваме во односи со земја која сака да стане членка на ЕУ имаме целосно право да бараме во таа земја да владее правото и да има соработка со хашкиот трибунал“

Доколку до 14 мај не биде избрана нова влада, парламентот ќе се распушти, а претседателот на Србија Борис Тадиќ е должен да распише нови парламентарни избори кои би се одржале за 60 денови.