1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тоше обезбеди виза за вечноста

Горан Петрески16 октомври 2008

Денес (16.10.2008) изминува една година од смртта на Тоше Проески, личноста чија ѕвезда станува се‘ посјајна. Дали и како може да се објасни феноменот Тоше?

https://p.dw.com/p/Falq
Фотографија: DW / Nebojsa Jakovljevic

Поради комплексната концентрација на енергиите и значењата, митот за Тоше Проески е еден од најважните митови на современото македонско општество, пишува колумнистот Никола Гелевски, одбележувајќи ја годишнината од смртта на најголемата македонска музичка ѕвезда. Денеска изминува точно една година од кобната сообраќајна несреќа во која загина Проески. Во изминатите 365 дена, ѕвездата не згасна, туку стана уште посјајна. Феноменот Тоше Проески продолжува да постои на балканските простори.

Тагата е и натаму голема

Балканот, а особено Македонија и натаму тагува по големото, а сепак обично момче од Крушево, со неповторлив глас и вонсериски музики талент. Тоше стана мит бидејќи не беше само пејач. Беше признат хуманист, докажан обединител.

Наоружан единствено со песната, тој успеа да ги премости разликите меѓу народите и културите на зовриениот европски југ. Освојуваше со насмевката, убавиот збор, безграничната љубов за сите.

Mazedonischer Pop-Sänger Tose Proeski und Vlatko Stefanovski
Тоше и Влатко СтефановскиФотографија: Macedonian Information Agency

Харизмата не се објаснува

Социолозите и јавните личности кои ги анкетираше Дојче Веле ги објаснуваат квалитетите на Тоше. Влатко Стафановски од легендарната македонска група „Леб и Сол“ тоа го нарекува шарм: „Тоа е многу тешко да го објасните, тоа е шарм, тоа не се објаснува. Некои луѓе ја имаат таа енергија и тој шарм и таа харизма, а некои ја немаат. Тие што ја имаат повеќе, стануваат супер ѕвезди.“

Социологот Илија Ацевски вели дека кризните општества имаат потреба од харизматични личности, кои зрачат позитивна енергија: „Постои сознание дека харизмите од тој тип зрачат позитивна енергија, особено во ситуации кога општеството се судира со тешки кризи, на секој план. Македонското општество е во перманентна криза во последните 20-тина години.“

Der bekannteste Pop-Sänger Mazedoniens,Tose Proeski
Тоше секогаш сакаше да се смееФотографија: Macedonian Information Agency

Музичка икона

Во меѓувреме, иако го нема физички, неговата музичка кариера продолжува. Крушево стана многу попопуларно и попосетено, се одржуваат спортски турнири и музички концерти во чест на Тоше, со нетрпение се очекуваат новите песни од албумот на англиски јазик. Моќта на овој феномен му обезбедува виза за вечноста. На луѓето ќе им останат убавите песни и спомени за Тоше. Многумина долго ќе се сеќаваат и гласно ќе зборуваат за доблестите на македонската музичка икона, но малкумина ќе успеат да ги претворат во сопствени навики. Затоа ретко се раѓаат ѕвезди кои со уникатноста успеваат да се издигнат над просечноста.