1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трагедијата опоменува, друго се‘ е исто

5 септември 2010

Денеска се наврши една година од потонувањето на бродот „Илинден“, при што во Охридското Езеро се удавија 15 бугарски туристи. Додека се чека судењето, останува дилемата - смени ли нешто несреќата во оваа област или не?

https://p.dw.com/p/P4ir
Бродот „Илинден“ потона на 05.09.2009Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Го доживеав Титаник, најверојатно. Тој филм сакам многу да го гледам и ете - го доживеав и јас. Секој момент мислиш дека умираш. Борба со водата.“ Оваа изјава за Дојче веле, само десет часа по несреќата, минатата година ја даде Зоја Васкова.

Бродската несреќа, најголема во Охрид и Македонија, се‘ уште ја бранува јавноста. Со идеја за построга контрола и измени на законот, државата се заглави во сопствениот лавиринт. Неочекувано, пред почетокот на летото издаде забрана за пловење на целата охридска бела флота. Им побара технички преглед, нов сертификат од француската компанија „Биро Веритас“, како услов да пловат. Високата цена, но и револтот од оваа одлука, ги извлече на суво капетаните на бродовите.

Охрид бара надлежност врз пловидбата по езерото

Локалната власт бара да преземе дел од ингеренциите. Советникот Тони Тунтев смета дека градот има капацитет за тоа:

Mazedonien Schiffsunglück
Фотографија: MIA

„Како што Советот на општината донесува Одлука за спроведување на режим на сообраќај во градот и во лето и во зима, така локалната власт да добиде ингеренции да го регулира сообраќајот во крајбрежниот појас.“

На Охрид му недостасува езерска марина. Не постои подзаконски акт за безбедност, навигација и комуникација, капетаните на бродовите комуницираат со мобилни телефони. Мора да постои систем на радиоврски, односно континуирана радио врска меѓу капетанијата и бродовите. Во оваа насока, велат експертите, би требало да се движат измените во Законот за пловидба.

Но, министерството за транспорт и врски не издржа во тренирањето строгост. Деновиве му даде времена дозвола на бродот „Галеб “, но не и на останатите. Бродарите велат дека дозволата е по налог на високи владини кругови и Галеб е користен за свадба на девојка која работи во Европската банка за развој . Бродарите бараат ист третман.

Во Бугарија паралелна истрага за несреќата

Судскиот процес ќе започне наскоро, а нетрпеливоста на Бугарија е разбирлива. Таму се воделе дури три засебни истраги за настанот. Заменикот обвинител на Софија, Божидар Џамбазов, во интервју за Бугарската национала телевизија тврди дека цела година го барале, а не го добиле протоколот од аутопсиите на удавените, како и протоколот од експертизата и вештачењето на бродот. Причините засега ги гледа во бавност на процедурата:

Schiffsunglück auf dem Ohrid See in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Јас лично немам основа да се сомневам дека постои недобронамерност од страна на македонските колеги. Се надевам дека ќе добиеме се‘ што побаравме“, вели софискиот обвинител.

Софиското обвинителство ги бара информациите од Македонија за да утврди дали во несреќата имаат удел македонските органи - надлежни за функционирање на бродскиот превоз и исправноста на бродот.

Во Македонија обвинтелен акт засега е подигнат против капетанот на бродот Сотир Филески и претставникот на осигурителната компанија „Лојд“.

Несреќата не го намали интересот на Бугарите за Охрид

Сочувствувајќи со загинатите и болката на нивните семејства, новонаименуваниот бугарски амбасадор во Македонија, Симеон Раковски Лашев одби да ја коментира истрагата, но затоа рече:

„Тешко ми е да оценам дали несреќата имала влијание врз посетата на бугарските туристи на Охрид. Мислам дека интересот не се намалува и не би сакал трагичниот настан од пред една година да биде причина за тоа.“

Градоначалникот на Охрид Александар Петрески јавно ги повика министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и Капетанот на капетанијата Љупчо Настоски да се соочат со најблиските на удавените и потоа да поднесат морални оставки. Трагедијата ги зближи градовите Антон, Пирдоп и Охрид. Претпладнево се одржа црковен помен за загинатите, а нивните најблиски и делегации ќе го посетат местото на трагедијата и спомен плочата на кејот на езерото, каде ќе положат цвеќе.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема