1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Транзиционата одисеја на работниците од “Силмак“

Свето Тоевски5 јануари 2007

Илјада работници на „Силмак“ од Јегуновце , тетовско, со кои управува француско-германската корпорација „SCMM“,соочени се со опасноста да ги загубат работните места, ако не продолжи испораката на струја за претпријатието. Тие најавуваат протести и блокади на патиштата.

https://p.dw.com/p/AeJm
Тетово
ТетовоФотографија: AP

Илјада работници на Акционерското друштво „Силмак“ од Јегуновце во тетовскиот регион, ја продолжуваат својата одисеја по македонските транзициони беспаќа и распаќа, каде што постои реална можност и конечно да им се придружат на армијата од 400 илјади невработени во целата земја. Ако за пет дена владата, компанијата „МEПСO“ и раководството на „Силмак“ не се спогодат за начинот на плаќањето на долгот од 6,2 милиони евра за потрошена струја во изминатиот период, како услов да продолжи испораката на овој енергенс, сопрена пред четири месеци, тогаш ќе уследат работнички протести.

Пеце Ристовски од републичкиот гранков синдикат „СМЕР“ ја кажува насоката на новото транзиционо талкање на „силмаковци“ : “Наплатната рампа Желино, повторно тука каде што блокиравме во 2001 година. Патот Тетово –Скопје е прометен и ќе им создадеме многу проблеми на граѓаните, но и на политичарите. Трето ќе биде дирекцијата на “МEПСO“ и на крај завршуваме пред владата.“

Овие работници, разочарани и уморни од досегашната политика и празните зборови на политичарите, со заплашеност укажуваат на можните социо-економски, но и други последици за нивниот регион:„ На прагот сме на голем социјален проблем. Ние само бараме работа и да го заработиме парчето леб, да ги прехраниме нашите семејства и да живее овој регион ” „Народот нема повеќе што да јаде,со народоте веќе готово “ „Без пари, без работа, без ништо, што понатаму, ништо!“ „Овој народ од овој регион , без оглед на која националност и припаѓа ќе се исели, нема егзистенција за живот“. “Оваа фабрика е фактор број еден“

Владата на премиерот Никола Груевски, во иднина ќе мора да води сметка многу повеќе за привлекувањето странски “гринфилд“ инвестиции, вложувања во изградбата на нови фабрики, од темел до покрив и со поголема норматива, законска заштита на работниците –смета Петрит Положани, деканот на Економскиот факултет на Државниот универзитет во Тетово: „Нашата влада за сето време на транзицијата промашува во тендерите, во правната регулатива и во обврската дека секоја компанија, за да биде успешна, владата треба да има јасен договор што треба да инвестира, кои се обврските, колку работници мора да одржува. Сето тоа мора детално да се прецизира. Во спротивно , треба да има санкции против компаниите.“

Останува да се види колку ќе внимава владата на препораките на експертите, а особено да не дозволи нова голгота на домашните работници, нови социјални тензии, па и евентуални миграции од економски испустените подрачја.