1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Транзициските“ згради (не)отпорни на земјотрес

16 март 2011

Градбите во Македонија, генерално, се сеизмички отпорни на потреси. Најголема резерва, експертите имаат кон објектите изградени по 1991 година бидејќи во периодот на транзиција немаше таква контрола како претходно.

https://p.dw.com/p/10ZkO
СеизмографФотографија: picture-alliance/ dpa

Колку македонските граѓани можат да се чуствуваат безбедни во градбите изградени во бурниот период на транзиција во која сите сфери на општеството минаа или сеуште се во фаза на длабока криза. Урбанизмот не е исклучок од негативните трендови. Многу луѓе се скептични дека се почитувале сите стандарди во градежништвото и дека не се штедело токму на прописите кои се однесуваaт на статиката на градбите.

Со безбедноста никој не би ризикувал?

Mazedonien Land und Leute
Зградите пред 1990 година тестирани за отпорност на земјотресиФотографија: DW

Поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов смета дека новите прописи ги спуштиле стандардите.

„За жал пред 15 – 20 години се изменија законите со кои обврската секој проект секој објект да има надзор од сеизмичка институција се отфрли. На тој начин увидот во тоа што се гради е мал“, изјави Пенов за Дојче Веле.

Урбанистите се уверени дека фелата сепак ги почитува основните професионални стандарди и дека никој не би ризикувал да си поигрува со делот што се однесува на безбедноста. Митко Кржовски е сопственик на Фин инжинеринг, компанија која изгради станбени згради на повеќе локации низ Скопје. Уверен е дека не само тие туку сите нови градби се изградени согласно прописите.

“Јас ве уверувам дека не постои инжинер кој би го изгубил лебот со тоа што ќе излезе од проектот за да им заштеди на инвеститорите“, вели Кржовски.

Сеизмолошките прогнози смируваат

Сепак експертите од градежништвото оставаат простор дека се направени пропусти. Македонија која по скопскиот земјотрес стана лидер во регионот за оваа проблематика во периодот на транзиција ги испушти конците од рака. Професорот од скопскиот Градежен факултет Горан Марковски вели дека е тестирана сеизмичката стабилност на градбите изградени до 1990.

Смирува податокот што го нудат сеизмолозите а тоа е дека во Македонија не се очекуваат разорни потреси какви што беа неодамнешниот во Јапонија или ланскиот во Чиле. Македонија е трусно подрачје но без очекувани земјотреси од таков карактер.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Симе Недевски