1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Транспаренси: Малку зголемена корупција во Македонија

1 декември 2011

Македонија се наоѓа на 69 место по перцепцијата на корупцијата во земјата,покажува новиот извештај на Траспаренси интернешнл објавен денеска (01.12) во Берлин. Македонија го дели 69 место заедно со Гана, Италија и Самоа.

https://p.dw.com/p/13KMd

Според анализите на состојбата со корупцијата во Македонија, на земјата и е дадена оценка од 3,9 на скалата од нула (многу корумпирани земји) до 10 (многу чисти земји). Тоа значи дека перцепцијата на состојбата со корупцијата во земјата е малку влошена во однос на минатогодишниот извештај, во кој Македонија доби оценка 4,1.

Во соседството се проценува дека има помало присуство на корупцијата во јавниот сектор во Словенија, која се наоѓа на 35 место, Турција на 61, а Хрватска и Црна Гора на 66 место. Зад Македонија на табелата се наоѓаат Грција на 80 место, Бугарија и Србија на 86, Босна и Херцеговина на 91, Албанија на 95 и Косово на 112 место.

Ниту еден регион не е имун на корупција

Нов Зеланд, Данска и Финска се на врвот на листата и во овие земји има најмала корупција, додека Авганистан, Мјанмар, Северна Кореја и Сомалија се на дното на листата, како земји во кои има најголема корупција. Германија е на 14-тото место, каде се наоѓа и Јапонија, САД се на 24, а Русија на 143 место.

Symbolbild Korruption
Фотографија: granata68/Fotolia

Истражувањето покажа дека ниту еден регион или земја во светот не е имун на штетите од корупцијата во јавниот сектор. Голем дел од 183-те земји и територии имаат резултат под пет на скалата од нула (многу корумпирани) до 10 (многу чисти).

Најмалку три извори на податоци

Индексот за перцепција на корупцијата ги рангира земјите според тоа каква е перцепцијата за корупцијата во јавниот сектор, а податоците се добиваат преку испитувања на мислењата во бизнис секторот, што ги прават незнависни и реномирани институции. Прашањата се однесуваат на поткупот на јавните службеници, митото во јавните набавки, проневерата на јавните фондови, како и на силата и ефикасноста на борбата со корупцијата во јавниот сектор.

Податоците се собирани од набљудувачи ширум светот, како и од експерти кои работат и живеат во земјите и териториите покриени со истражувањето. За некоја земја да биде дел од истражувањето мора во него да бидат вклучени најмалку три извори на податоци. Во истражувањето за 2011-та се користени 17 извори на податоци од 13 институции. Податоците се собирани во период од декември 2009-та до септември 2011-та.

При истражувањето се користи ваквата перцепција на корупцијата, затоа што во голема мерка таа е скриена активност, што тешко може да се измери. „Со текот на времето перцепциите од истражувањето на корупцијата се потврдија како релевантна проценка на корупцијата“, стои во извештајот на Транспаренси интернешнал.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Симе Недевски